Кадиров, чеченскиот лидер и поддржувач на претседателот на Русија, Владимир Путин, рече дека напаѓачот бил ликвидиран по нападот во полициската станица во Ачка-Мартан, пред регионалниот главен град Грозни
Во напад врз полициска станица во Чеченија вчера загинаа полицаец и напаѓачот кој имал нож, соопштија официјални лица, а шефот на рускиот регион, Рамзан Кадиров, посочи дека во нападот учествувал украински државјанин.

Кадиров, чеченскиот лидер и поддржувач на претседателот на Русија Владимир Путин, рече дека напаѓачот бил ликвидиран по нападот во полициската станица во Ачка-Мартан, пред регионалниот главен град Грозни.
Тој испрати Чеченци да се борат заедно со руските војници во војната во Украина, која Русија ја започна со инвазија на својот помал сосед.
Во коментарите објавени вчера на Телеграм, Кадиров посочи дека е утврдено оти напаѓачот дејствувал по налог на група предводена од украински државјанин, без да наведе детали.
Ројтерс не можел независно да ги потврди извештаите. Сè уште нема коментар од Украина за тврдењата на Кадиров.
Русија водеше две војни во доминантно муслиманска Чеченија по распадот на СССР и на крајот го задуши сепаратистичкиот бунт, оставајќи го регионот главно во урнатини и по цена на илјадници животи. Кадиров е на чело на регионот од 2007 година.
Александар Бастрикин, шеф на рускиот Истражен комитет, кој се занимава со сериозни криминални дела, во коментарите на руските новински агенции рече дека еден полицаец е убиен во нападот на станицата.