Од иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) велат дека убиството на Ханије е под истрага, а резултатите ќе бидат објавени подоцна денеска

Политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, е убиен во Техеран, објави иранскиот државен медиум „Прес ТВ“ повикувајќи се на информации од Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Од Хамас во објава на нивниот канал на Телеграм велат дека Ханије е убиен заедно со неговиот телохранител во, како што наведуваат, израелски напад врз неговата резиденција по присуството на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 30 јули.
Си-ен-ен пренесува изјава од израелската војска каде што се вели „не одговараат на извештаите во странските медиуми“ откако иранските државни медиуми објавија дека политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, бил убиен во Иран.
„Не е јасно кога Ханије е убиен“,
пренесува Си-ен-ен.
Од иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) велат дека убиството на Ханије е под истрага, а резултатите ќе бидат објавени подоцна денеска.
Официјален претставник на Хамас вели дека групата е подготвена да плати различни цени откако нејзиниот политички лидер е убиен во Техеран, додава Си-ен-ен.
Првично нема потврда за смртта на Ханије од израелската страна, пренесува ДПА.
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари на својот профил на Икс објави дека нема промени во домашната одбранбена политика.
„Во овој момент, ИД врши проценка на ситуацијата. Доколку се одлучи за какви било промени, веднаш ќе ја информираме јавноста на платформите на ИД. Мора да останете информирани и да дејствувате според командата на домашниот фронт“,
пишува Хагари.
אין שינויים במדיניות ההתגוננות בעורף. בשעה זו צה”ל מקיים הערכת מצב. במידה ויוחלט על שינוי כלשהו, נעדכן את הציבור באופן מיידי בפלטפורמות של צה״ל ופיקוד העורף. יש להישאר מעודכנים ולפעול על פי הנחיות פיקוד העורף
— דובר צה״ל דניאל הגרי – Daniel Hagari (@IDFSpokesperson) July 31, 2024
Веста за убиството на Ханија се случи неколку часа по израелскиот воздушен напад врз предградие на Бејрут, насочен кон командантот на проиранската милиција на Хезболах, „Сајид Мухсан“.
Кој е Исмаил Ханије
Инаку, Исмаил Ханије беше избран за шеф на политичкото биро на Хамас во 2017 година, но веќе неколку години живее во Катар, пишува Би-би-си.
Во кратката биографија, британскиот национален сервис наведува дека тој бил истакнат член на милитантната група во доцните 1980-ти години, кој беше затворен од Израел на три години.
По излегувањето од затвор, Ханије поминал една година во егзил пред да се врати во Газа. Во 1997 година бил назначен за шеф на канцеларијата на духовниот лидер на Хамас зајакнувајќи ја својата позиција во Движењето.
Ханије беше назначен за палестински премиер во 2006 година од страна на претседателот Махмуд Абас, но беше разрешен една година подоцна откако групата ја собори партијата на Абас, Фатах, од Појасот Газа по еднонеделно смртносно насилство.
Ханије го отфрли неговото разрешување како „неуставно“ нагласувајќи дека неговата влада нема да се откаже од своите национални одговорности кон палестинскиот народ и продолжи да владее со Газа.