Според проекциите, поранешниот американски претседател има минимум 20 делегати од Ајова, а неговите противници, поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли, и гувернерот на Флорида, Рон Десантис, имаат седум, односно осум. Треба да се поделат уште неколку, покажуваат проекциите
Дoналд Трамп ги надмина своите ривали во понеделникот и победи на првиот републикански претседателски натпревар во 2024 година одржан во Ајова, покажуваат проекциите на Едисон Рисрч, повторно потврдувајќи ја својата доминација во партијата додека бара трета по ред републиканска номинација.
Според проекциите, поранешниот американски претседател има минимум 20 делегати од Ајова, а неговите противници, поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли, и гувернерот на Флорида, Рон Десантис, имаат седум, односно осум. Треба да се поделат уште неколку, покажуваат проекциите.
Жителите на Ајова ги издржаа ниските температури за да се соберат во повеќе од 1 600 училишта, центри во заедницата и други места на првите државни собранија на избирачи, со што официјално започна трката за претседателските избори во 2024 година.
Убедлива победа за Трамп
Убедливата победа на Трамп во Ајова ќе го зајакне неговиот аргумент дека тој е единствениот републикански кандидат способен да му се спротивстави на демократскиот претседател Џо Бајден, и покрај четирите кривични случаи со кои се соочува, а кои потенцијално би можеле да го претворат во осуденик пред изборите на 5 ноември.
И Десантис и Хејли се стремат кон силно второ место кое ќе покаже дека можат да го спречат немилосрдниот марш на Трамп кон републиканската номинација. Тие изразија уверување дека ќе ги надминат очекувањата во Ајова, иако ниту еден од нив не предвидуваше победа.
Демократите од Ајова не гласаа за нивните претседателски кандидати во понеделникот бидејќи партијата го промени календарот за номинација.
Помалку од еден процент од Американците живеат во Ајова, но внатрепартиските избори во таа држава се важни симболично, бидејќи тие укажуваат на насоката на претседателските избори. Таа држава е важна како прв официјален показател за тоа колку некој кандидат има шанси на националната сцена.
Републиканската трка по Ајова се сели од држава во држава додека не се утврди кандидатот кој најверојатно ќе го предизвика демократскиот актуелен претседател Бајден на изборите во ноември.