Акциите и претресите на МВР и на ОЈО ГОКК се актуелни од вчера, а за нив известија и од двете институции. Од МВР вчера потврдија дека е уапсен Раде Трајковски-Штекли
Истражната постапка, како што информираат од ова обвинителство, била спроведена по поднесена кривична пријава од МВР и опфатила 14 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори

Десет од вкупно 14 лица кои се сомничат дека се дел од криминална група поврзана со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, се лишени од слобода, информираат попладнево од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Инфомациите од ОЈО ГОКК доаѓаат по вчерашните акции и претреси што биле направени на 20 локации во Скопје и на една во Гевгелија.
При претресите, додаваат од Обвинителството, биле одземени бројни предмети поврзани со нелегална продажба на дрога и наркотични супстанци.
Според ОЈО ГОКК, осомничените – членови на криминална група, дистрибуирале и организирале улична продажба на наркотични супстанци директно до корисниците.
Истражната постапка, како што информираат од ова обвинителство, била спроведена по поднесена кривична пријава од МВР и опфатила 14 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Јавниот обвинител од ОЈО ГОКК доставил предлог до судија на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје да има биде определен притвор на десетте приведени лица. Оттаму додаваат дека еден од осомничените веќе е во притвор, а останатите тројца не се достапни на органите на прогонот.
Акциите и претресите на МВР и на ОЈО ГОКК се актуелни од вчера, а за нив известија и од двете институции.
Првата информација што вчера се појави во јавноста во врска со овие случувања беше дека во близина на Гевгелија е уапсен Раде Трајковски-Штекли, а потврда за тоа стигна и од Министерството за внатрешни работи.
Штекли е осомничен за трговија на дрога. Тој наводно предводел група од над десетина члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства.
Од ОЈО ГОКК вчера рекоа дека на повеќе локации се вршат претреси, но оттаму најавија повеќе информации за денеска.
Во денешното соопштение, пак, се вели дека активностите сѐ уште траат и дека јавноста ќе биде информирана за нив во наредните денови.
Потврда за акциите и претресите денеска стигна и од МВР, од каде што велат дека тие биле спроведени по повеќемесечно криминалистичко истражување.
„При претресите пронајдени и одземени се поголем број предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење. Меѓу пронајдените и одземени предмети се и повеќе поголеми и помали пакувања со прашкаста материја“,
велат од МВР.
Дел од медиумите денеска, повикувајќи се на полицикси извори, објавија дека во акцијата било запленето 325 илјади денари, 3 995 евра во готовина, четири патнички моторни возила, 12 мобилни телефони, пиштол марка „Зораки“ 9 мм со 22 куршуми, семки и растителна материја со зелена боја (за кои се сомнева дека се наркотични), пет дигитални ваги, дробилки, фолија за пакување, пластична мешалка, метална лажичка за дозирање, видеорекордер, УСБ-уреди и други предмети.