Сопственикот на фабриката „Виоланта“, безбедносниот техничар и техничарот во смена, се уапсените кои се соочуваат со обвиненија поврзани со убиство од небрежност

Три лица, вклучувајќи го и сопственикот на фабриката „Виоланта“ од грчкиот град Трикала, се уапсени и денеска се очекува да бидат изведени пред надлежното обвинителство, пишуваат грчките медиуми. Лицата се уапсени по експлозијата во која загинаа пет работнички во фабриката на компанијата.
Сопственикот на фабриката „Виоланта“, безбедносниот техничар и техничарот во смена, се уапсените кои се соочуваат со обвиненија поврзани со убиство од небрежност.
Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека тројцата ќе се соочат со обвиненија за дејствија и пропусти поврзани со убиство од небрежност, тешки телесни повреди во низа инциденти, палење и експлозија.
АНА-МПА, повикувајќи се на свои извори, пишува дека двајца од тројцата вештаци назначени за да го истражат местото на трагедијата заклучиле дека експлозија од ваков обем, што го уништи погонот на фабриката за бисквити, може да биде предизвикана исклучиво од истекување пропан, а дополнително, еден од вработените, кој бил на смена, рекол дека пред експлозијата се чувствувал мирис на гас во просторот за производство, каде што се наоѓале и печките.
Весникот „Катимерини“ пишува дека не постоеле сензори за откривање евентуално истекување гас во објектот, а при увидот на местото на експлозијата била пронајдена дупка на цевките што пропанот го пренесуваат од резервоарите поставени во дворот до печките во погонот.
Дупката била откриена во подрумски простор, односно, како што објави весникот, токму таму каде што уште од првиот момент припадниците на Противпожарната служба проценуваа дека се наоѓа жариштето на експлозија.
