Прашан дали откако биле сослушани уапсените лица имаат информации дека можеби се инструирани за ова да го направат, Тошковски рече дека во овој дел не би сакал да навлегува со повеќе детали во однос на доказите

Осум лица се уапсени по синоќешните инциденти во Скопје за време на прославата на Денот на албанското знаме.
Како што рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција, четири од уапсените лица се лишени од слобода поради учество во тепачка, а другите се за предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост.
Лицата, како што рече Тошковски, се во полициска станица и по насока на јавен обвинител по итна постапка ќе бидат изведени пред суд кој ќе треба да одлучи во рамки на своите законски надлежности.
Уапсените лица, вели министерот, се млади луѓе на возраст од 18, 19,20 и 21 година, а еден од нив е и малолетен.
„Четири лица се уапсени поради тоа што за нив имаме основано сомнение дека сториле кривично дело 319 од Кривичниот законик кое се однесува на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост и каде што е предвидена минимална казна од една година затвор. За овие четири лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“,
рече Тошковски.
Министерот најави дека денеска и во наредните денови ќе има уште многу што ќе бидат повикани на разговори, а кои се вклучени во овие дејствија.
Упатувајќи апел до сите граѓани што имаат информации да ги достават до МВР, без разлика дали се снимки, фотографии, изјави, Тошковски рече дека од снимките на социјалните мрежи го имаат расчистено случајот со лицето што го кине македонското знаме, а зад него има лице во црвено возило и тоа е уапсено.
Во однос на тоа што за време на вчерашниот ден на прославата во Скопје можеше да се слушне и пукање, Тошковски рече дека против секој за кој ќе се обезбедат соодветни докази ќе се поднесе кривична пријава.
Според него, во повеќето градови имало организирана прослава кои во голем дел биле културни и луѓето по завршувањето се повлекле од тие настани, но во Скопје, како што рече, било недозволиво со сквернавење знаме и пукотници.
Прашан дали откако биле сослушани уапсените лица имаат информации дека можеби се инструирани за да го направат ова, Тошковски рече дека во овој дел не би сакал да навлегува со повеќе детали во однос на доказите.
„Секако дека ќе биде истражено секое поврзување со овие настани и ќе биде расветлено“,
рече тој.
За реакцијата на ДУИ дека полицијата предизвикала непотребни тензии, Тошковски рече дека тоа можеби било нивно посакувано сценарио, а полицијата во текот на вчерашната вечер одговорила максимално професионално.
Во однос на синоќешните инциденти денеска реакции има од владејачките, но и од опозициските партии, а од Обвинителството рекоа дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот.
Од опозицискиот СДСМ побараа од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.
Од владејачката партија реагираат за, како што велат, навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите постапки имаат политичка заднина, а креаторите преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда.
Од владејачката коалиција „Вреди“, нарекувајќи го чинот срамен и неприфатлив оценија дека масовната прослава на 28 ноември, проследена со празнична атмосфера, песна и оро низ целата држава, не им одговарала и ги поттикнала дестабилизаторите.
За сквернавењето на националното знаме на синоќешната прослава на Денот на албанското знаме во центарот на Скопје претходно реагираа и од опозициската ДУИ, оценувајќи оти инцидентот бил реакција на несоодветна полициска интервенција за време на настанот.
Од Левица осудувајќи го синоќешниот настан побараа оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.