По настанот, полициски службеници со судска наредба извршиле претреси во домовите на уапсените лица и кај еден нив пронашле шприц во кој имало течна кафеава материја и предмети со остатоци од бела прашкаста материја
Кичевската полиција вчера попладне лишила од слобода две лица кои се сомничат дека со нож нападнале и изболе 38-годишен жител на градот, кој поради сериозноста на повредените е пренесен во медицинска установа во Скопје.

Како што информираат од Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид, двете лица со иницијали А. А. (45) и Ј. Д. (36) биле уапсени околу 14:45 часот во Кичево. Според полицијата, тие околу еден часот претходно, односно околу 13:30 часот, кај месноста „Сеферов бунар“, во близина на селото Трапчин Дол, имале расправија со 38-годишниот Б. А., по која го нападнале со нож и му нанеле убодни рани.
„Тој, по укажаната помош во болницата во Кичево, поради сериозноста на повредите е пренесен во Градската општа болница ‘8 Септември’ во Скопје“,
се вели во соопштението од СВР Охрид.
По настанот, полициски службеници со судска наредба извршиле претреси во домовите на уапсените лица и кај Ј. Д. пронашле шприц во кој имало течна кафеава материја и предмети со остатоци од бела прашкаста материја.
За случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот, против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава, додаваат од СВР Охрид.
