Во редакцијата на „База“ бил извршен претрес, а полицијата ја посетила и куќата на главниот уредник, Глеб Трифонов, од кого немало никаков одговор, како и други новинари кои биле присутни во редакцијата

Главниот уредник на рускиот онлајн медиум „База“ и уште четворица новинари се уапсени денеска во Русија како дел од истрагата за протекување на полициски информации.
„База“ е еден од најпопуларните канали на платформата Телеграм, со повеќе од 1,6 милиони следбеници. Објавува ексклузивни информации, наводно добиени преку солидни извори од полицијата.
Во редакцијата на „База“ бил извршен претрес, а полицијата ја посетила и куќата на главниот уредник, Глеб Трифонов, од кого немало никаков одговор, како и други новинари кои биле присутни во редакцијата.
Според адвокатот Алексеј Михалчик, полицијата запленила документи и компјутери и уапсила вкупно пет лица, од кои двајца подоцна биле ослободени.
Рускиот истражен комитет објави дека започнува истрага за „злоупотреба на положбата на полицајците“, кои наводно нелегално пренесувале информации кои потоа биле „објавени на еден од каналите на Телеграм“.
Во соопштението на Рускиот истражен комитет не е посочена „База“.
„Како дел од оваа кривична постапка, беа извршени претреси во Московскиот, Краснодарскиот и Краснојарскиот Регион, како и во Белгородскиот Регион“,
стои во соопштението.
Портпаролката на руското МВР, Ирина Волк, изјави дека се уапсени и неколку полицајци.