Неофицијално, кривичните дела се сторени при јавна набавка која ја добила „Марковски компани“ за демонтажа, транспорт и монтажа на опрема од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Тие ја донеле опремата до Битола, но според извори од истрагата, никогаш не ја монтирале, а притоа се погрижиле сè да прикријат со соодветна техничка документација
Бизнисменот Борче Марковски е уапсен денеска заедно со уште седум други лица, потврдуваат за „360 степени“ добро упатени извори од истрагата. Еден од уапсените е вработен во неговата компанија „Марковски компани“ ДООЕЛ, додека останатите се од РЕК „Битола“, поранешниот директор Пеце Матевски, технички директори и еден помошник-директор.

Групата се товари дека сторила кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Извори од истрагата велат дека според рударскиот проект за експлоатација на рудникот за кој била наменета опремата што се дислоцирала, таа воопшто не била предвидена.
Независно од тоа, тендерот се спровел и го добил „Марковски компани“ ДООЕЛ за сума од околу 1,7 милиони евра, а целата постапка се одвивала кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 г. За тие пари, фирмата требало да ја демонтира опремата во ТЕЦ „Осломеј“, да ја транспортира до новата локација близу РЕК „Битола“ и потоа да ја монтира за да се употребува за транспорт на рудата која се ископувала на локацијата. Според извори од истрагата, „Марковски компани“ ги направиле првите два чекора, демонтажата и транспортот, но наместо да се монтира, опремата била само оставена во кругот на РЕК „Битола“ без да се монтира и употребува. Сите лица кои сега се предмет на истрага се погрижиле да го прикријат случајот со техничка документација, тврдат упатени извори.