Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вечерва протврдија дека во тек е акција под раководство на обвинител од специјализираното одделение на Обвинителството за полициски службеници, а детали најавија дека ќе соопштат во текот на утрешниот ден
Повеќемина актуелни полициски службеници и началници од Кочани и од Штип вечерва се уапсени во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

Повикувајќи се на извори од истрагата ТВ Телма објави дека се уапсени 13 полицајци и полициски функционери кои биле на функција или на должност кобната вечер на 16 март, кога се случи катастрофалниот пожар.
Тие, како што се наведува, се опфатени во истрагата што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во рамките на кои има специјализирано одделение за гонење на полициски службеници за кои постојат сомневања дека сториле кривично дело.
Од ОЈО ГОКК вечерва протврдија дека во тек е акција под раководство на обвинител од специјализираното одделение на Обвинителството за полициски службеници.
Оттаму велат дека детали за акцијата ќе соопштат во текот на утрешниот ден.
Според информациите на ТВ Телма, за кои засега нема официјална потврда, сите приведени се осомничени за кривичното дело предизвикување општа опасност и претходно биле на распити во постапки што ги водел Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Инаку, родители и блиски на загинатите и повредените во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани од протестите што ги организираат секоја сабота бараа одговори од властите зошто во истрагата не се опфатени актуелни полициски службеници и полициски функционери кои биле на раководни позиции или на смена ноќта кога се случи пожарот.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за вкупно 14 поранешни високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип и од Полициската станица во Кочани кои ги товари за кривични дела што ги сториле во период од 2012 до 2022 година.
Истрагата што ја води ОЈО ГОКК за пожарот во Кочани е одвоена од онаа на Основното јавно обвинителство Кочани, која веќе е завршена.
Во истрагата на ОЈО Кочани осомничени за трагедијата во Кочани се околу 50 лица, меѓу кои и поранешни владини функционери.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за утре најавија прес-конференција за која ќе информираат за досегашната постапка во овој предмет и за донесената јавнообивнителска одлука.
Имено, утре се очекува Обвинителството да каже против колку и против кои лица ќе биде поднесено обвинение за пожарот во „Пулс“.