Алкотестот што му бил извршен на возачот покажал дека тој го управувал автомобилот марка „мерцедес“ под дејство на 1,35 промили алкохол
Четириесет и осумгодишен гостиварец ноќеска, возејќи под дејство на алкохол, удрил во 25-годишна жена додека пеш се движела на улица во Скопје, соопшти утрово Министерството за внатрешни работи (МВР).
Илустративна фотографија / Фото: Архива
Возачот, кој управувал автомобил марка „мерцедес“, е уапсен, а младата жена со иницијали Б. Л. од Битола со возило на Итната медицинска помош била пренесена во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде, според полицијата, ѝ се констатирани тешки телесни повреди.
„На 02.03.2025 околу 00.15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје патничко моторно возило ‘мерцедес’ со скопски регистарски таблички, управувано од Н. Н. (48) од Гостивар удрило во Б. Л. (25) од Битола. Со возило на Итна медицинска помош Б. Л. е пренесена во Клинички центар ‘Мајка Тереза’, каде ѝ се констатирани тешки телесни повреди“, се вели во соопштението.
Алкотестот што му бил извршен на возачот покажал дека тој го управувал автомобилот под дејство на 1,35 промили алкохол.
Поради ова, по наредба на јавен обвинител, тој веднаш бил лишен од слобода, а „мерцедесот“ е одземен за понатамошна постапка.
Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека по документирањето на случајот, СВР Скопје против возачот ќе поднесе соодветна кривична пријава.
Инаку, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера соопштија дека Основното јавно обвинителство Скопје по одржан координативен состанок со полициските служби од СВР Скопје издало конкретни насоки за поефикасно постапување во ситуации кога е згрозена безбедноста во сообраќајот и е сторено кривично дело.
„Насоките налагаат задолжително итно постапување во ситуации кога при сообраќајна несреќа кај возачот/возачите е констатирано управување со возило без возачка дозвола (воопшто не е издадена), поминување на вклучено црвено светло на семафор, очигледна прекумерна брзина, состојба на пијанство, возење во спротивна насока, како и преминување на двојна полна линија“, се вели во дел од соопштението на Обвинителството.
Насоките на Основното јавно обвинителство Скопје доаѓаат по собраќајната несреќа во која пред точно еден месец смртно беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова. За случајот е осомничен две години помладиот Васил Јованов, кој, според она што досега е познато во јавноста, а го соопштија истражните органи вечерта на 29 јануари, го управувал возилото без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминувајќи на црвено светло на семафорот ја прегазил Кулакова додека таа минувала на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.