Според официјалните информации, Тајлер Робинсон не бил студент на универзитетот. Тој долго време живеел со своето семејство во округот Вашингтон, кој се наоѓа во југозападна Јута

Осомничениот убиец на Чарли Кирк, кој е идентификуван како Тајлер Робинсон (22), е уапсен, потврди шефот на ФБИ, Кеш Пател, на заедничка прес-конференција со гувернерот на Јута, Спенсер Кокс.
Тајлер Робинсон, 22-годишник од Јута, е уапсен 33 часа по убиството на Чарли Кирк на Универзитетот Јута Вели.
Кокс рече дека член на семејството на Робинсон го предал на властите.
Потоа, како што рече Кокс, „тој контактирал со канцеларијата на шерифот на округот Вашингтон со информации дека Робинсон им признал или навестил дека го сторил инцидентот“.
„Информациите биле пренесени до канцеларијата на шерифот на округот Јута и до вишите истражители на Универзитетот Јута Вели“,
додаде Кокс.
Робинсон е уапсен по неколку првични обвиненија, вклучувајќи тешко убиство, кривично дело користење огнено оружје и попречување на правдата. Тој сè уште не е формално обвинет.
Тој е приведен во затворот во округот Спаниш Форк во Јута и е притворен без право на кауција.
Властите имаат три дена да поднесат документи за прелиминарното сослушување, каде што се очекува Робинсон да се појави првпат пред судија, што се очекува на почетокот на следната недела.
Истражителите објавија реконструкција на неговите движења на денот на нападот и рекоа дека откриле повеќе информации за неговото минато.
Според официјалните информации, Тајлер Робинсон не бил студент на универзитетот. Тој долго време живеел со своето семејство во округот Вашингтон, кој се наоѓа во југозападна Јута.
„На денот на пукањето Робинсон пристигнал на кампусот во 8:29 часот наутро во Доџ Челенџер. Сведоците го виделе како носи темноцрвена маица, светли шорцеви и црна шапка. Додека бил на покривот на една од зградите, Робинсон се преоблекол, но подоцна повторно ја облекол првичната облека. По пукањето, кое се случило во 12:23 часот, тој го напуштил местото на настанот оставајќи го орушјето завиткано во темна крпа во блиската пошумена област. Потоа се упатил кон домот на неговото семејство, на околу три и пол часа возење“,
рекоа истражителите.
Истражителите пронашле пушка и куршуми со натписи како „Еј фашисту! Фаќај!“ и „Бела Чао“.
Канцеларијата на гувернерот на Јута објави негови фотографии по апсењето.
Чарли Кирк, конзервативeн политички активист и коосновач на „Пресвртна точка САД“ (Turning Point USA), најголемата конзервативна младинска организација во Соединетите Американски Држави (САД), почина во средата откако претходно беше застрелан на настан на Универзитетот Јута Вели.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) вчера на социјалните мрежи објави фотографии од осомничениот и побараа помош од јавноста за идентификување на лицето за кое постојат сомневања дека пукало во Кирк.
ФБИ објави и дека нуди награда од 100 000 долари за информации што ќе доведат до идентификување и апсење на лицето или лицата одговорни за убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк.
Претходно денеска, Одделот за јавна безбедност на Јута објави видео од осомничениот за убиството на најпознатиот десничарски активист во Америка, Чарли Кирк. Видеото прикажува човек како трча преку покривот на училишна зграда, а потоа во блиската шума, каде што подоцна било пронајдено оружјето употребено за убиство на Кирк.