„При спроведувањето на полициската акција и преземените мерки и активности, на паркинг простор пред хотел во Велес, во возило ‘бмв’ затекнати се А.С., полициски службеник во Одделот за заштита на определени личности и објекти и Б.К., а при извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР“, се вели во соопштението од МВР
Екипи на Министерството за внатрешни работи вчера лишиле од слобода полицаец од Одделот за заштита на определени личности, откако при претрес на возило во кое бил со уште едно лице е пронајден ранец со службени материјали од МВР.

Акцијата, како што соопштија доцна попладнево од МВР, била реализирана по претходно добиени сознанија во врска со сторено кривично дело оддавање службена тајна по член 360 од Кривичниот законик, а ја спровеле полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС), во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Истражните дејствија се одвивале на подрачјето на Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес каде биле извршени претреси на дом, возила и лица.
„При спроведувањето на полициската акција и преземените мерки и активности, на паркинг простор пред хотел во Велес, во возило ‘бмв’ затекнати се А.С., полициски службеник во Одделот за заштита на определени личности и објекти и Б.К., а при извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР и од лицата се одземени мобилни телефони, по што се лишени од слобода“,
се наведува во соопштението на Министерството.
Дополнително, при извршени претреси на повеќе локации, според информациите, пронајдени и одземени биле електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата.
„Исто така, од преземените мерки и активности во процесот на проверка, ОВККИПС констатира дека полицискиот службеник постапувал спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи, со што истиот неовластено поседувал службени материјали, нивно откривање на трети лица надвор од Министерството, а со кои дејствија го извршил кривичното дело по член 360 од КЗ“,
наведуваат од МВР.
Од Министерството посочуваат дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полицискиот службеник до ОЈО ГОКК ќе биде поднесена кривична пријава за оддавање службена тајна.