По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, возачот А.А. е приведен и задржан во Полициската станица Гази Баба, а возилото е одземено од страна на надлежните органи за вештачење

Сообраќајна несреќа со смртни последици се случила синоќа во скопското село Марино, Општина Илинден, во која животот го загубил 52-годишен пешак.
Според информациите од СВР Скопје, несреќата била пријавена вчера во 23:20 часот. Настанот се случил на улицата „500“, кога патничко возило марка „киа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 21-годишниот А.А., удрило во пешакот О.М. (52). И возачот и жртвата биле жители на селото Марино.
„Во несреќата од здобиените повреди на самото место починал О.М., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт“,
се вели во полициското соопштение.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, возачот А.А. е приведен и задржан во Полициската станица Гази Баба, а возилото е одземено од страна на надлежните органи за вештачење.
Увидна екипа од СВР Скопје извршила целосен увид на местото на настанот. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
