По 17 дена потрага српската полиција денеска го уапси Нинослав Јовановиќ, познат како „малчанскиот бербер“, потврдија од Јавното обвинителство во Ниш. Јовановиќ се сомничи дека на 20 декември ја киднапирал 12-годишната Моника која беше пронајдена од полицијата десет дена подоцна.
Српските медиуми пишуваат дека Јовановиќ бил уапсен на селските гробишта во нишкото село Малча, по интензивна потрага на полицијата. Според објавената фотографија од апсењето, тој е во валкани алишта, исцрпен и со запуштен изглед.
Во потрагата биле вклучени повеќе од 300 полицајци, хеликоптерска единица и кучиња трагачи.
Нинослав е инаку осудуван за силување и педофилија, а се нарекува бербер затоа што своите жртви ги шиша пред да ги силува. Прв пат бил осуден во 1996 година на десет години затвор за силување девојка и девојче, а условно бил пуштен по девет години.
По излегувањето од затвор во 2006 извршил ново кривично дело, грабнал и силувал девојче од 12 години, а потоа грабнал уште едно девојче но тоа успеало да му избега. Тогаш бил осуден на 15 години, но минатото лето врховниот суд на Србија му ја намалил казната на 12 години.
Неколку дена по излегувањето повторно бил уапсен поради сексуално вознемирување на социјалните мрежи, а по пет месеци затвор во март годинава бил пуштен на слобода.