По целосното документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информира Министерството за внатрешни работи (МВР)
Четириесет и четиригодишен гостиварец денеска со камион што го управувал удрил во 76-годишен велосипедист, кој од здобиените повреди починал.

Гостиварецот со иницијали Х. М. околу 13 часот бил лишен од слобода од полициски службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Гостивар и по целосното документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, како што информира Министерството за внатрешни работи, сообраќајната несреќа се случила во 12:35 часот на крстосницата од улиците „Илинденска“ и „Седек Костовски“.
Во тоа време, според полицијата, Х. М., кој бил зад воланот на товарно возило марка „мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, удрил во велосипед управуван од 76-годишниот И. М. од Гостивар.
Тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гостивар, каде што е констатирана смрт од страна на лекар.
