Бакарните кабли во должина од два километри биле украдени на подрачјето на општина Центар, од местото каде што се изведуваат градежни работи за подземен булевар
Шеесет и осумгодишен скопјанец вработен како обезбедување на објект во изградба е осомничен дека украл бакарни кабли во вредност од околу 200 000 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, вчера во 16:15 часот во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје било пријавено дека на подрачјето на општина Центар каде што се изведувале градежни работи за подземен булевар, во период од еден месец се одземени бакарни кабли со должина од два километри и вредност од околу 200 000 евра.
„По преземени мерки, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кражба, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Т. М. (68) од Скопје, вработен како обезбедување на објектот“,
се наведува во соопштението на МВР.
Екипа на СВР Скопје извршила увид на местото и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што, како што додаваат од МВР, ќе биде поднесена соодветна пријава.
