„Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа обвинетите службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација. По повеќекратната меѓусебна купопродажба, обвинетите трајно ги отуѓувале автомобилите, продавајќи ги на физички и правни лица во државава“, се вели во соопштението од Обвинителството
Обвинителството денеска соопшти дека поднело обвинение против 18 луѓе и еден автосалон од Кочани за шверц на крадени луксузни автомобили.
Како што објави ТВ Телма, меѓу обвинетите е и сопругата на Раде Трајковски-Штекли, српска државјанка со престој во Македонија.
Штекли се поврзува со низа кривични дела, а во август и во октомври годинава избегна два обиди за убиство на иста локација, во трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје.
Според соопштението на Обвинителството, петмина од обвинетите се вработени во МВР – референти во Одделението за управни работи – Скопје.
„Обвинетите од 2020 до 2022 година, со фалсификувани документи, во Македонија внесувале луксузни коли, крадени во различни европски земји, и ја избегнувале царинската контрола. Автомобилите со променет број на шасија ги регистрирале со македонски таблички, а потоа, за да ги скријат трагите, за кратко време по неколкупати ги препродавале од еден на друг“,
се вели во соопштението.
Вработените во МВР, како што соопштува Обвинителството, во целиот тој период им издавале на другите обвинети регистарски таблици и сообраќајни дозволи спротивно на Законот за возила и со употреба на фалсификувани документи.
„Автомобилите, од кои најголем дел биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа обвинетите службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација. По повеќекратната меѓусебна купопродажба, обвинетите трајно ги отуѓувале автомобилите, продавајќи ги на физички и правни лица во државава“,
соопшти Обвинителството.
Во текот на истрагата, јавниот обвинител обезбедил докази дека овој начин бил искористен за криумчарење на вкупно 15 возила со проценета вкупна вредност од над половина милион евра.
За тројца од обвинетите, меѓу кои и една државјанка на Република Србија со привремен престој во земјава, надлежниот јавен обвинител предложил да им биде продолжена претходно определената мерка притвор.