Судењата на далечина стануваат реалност, со нив ќе се намали корупцијата и ќе се зголеми транспарентност, порача министерот за правда Никола Тупанчески во рамки на Меѓународната конференција за дигитализација на судството која се одржа во Охрид. Според Тупанчески целосната дигитализација ќе се реализира во над 186 судници во 34 судови.
„Задоцнетата правда граѓанинот често ја доживува како најголема неправда, а дигитализацијата во правосудството ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата на граѓаните во правосудството. Периодот во кој живееме, а особено изминатите две години на пандемија, изолација и редуцирани услуги за граѓаните во сите сфери, уште еднаш ни потврдија дека дигиталниот напредок треба максимално да се стави во функција на подобрување на животот на граѓаните“
изјави министерот Тупанчески.
Тупанчески информираше дека во 2022 година за дигитализација во судството се предвидени 130 милиони денари, од кои 90 милиони денари за набавка на нови сервери за 24 судови и за Судскиот совет, 20 милиони денари за опремување на судските сали за обезбедување функционалност на опремата за аудио и визуелно снимање на судски рочишта и 20 милиони денари за набавка на компјутери, принтери и скенери.
„Судењата на далечина се само еден аспект на дигитализацијата која опфаќа низа други електронски можности, како што се е-доставата, дигиталното регистрирање на рочиштето и креирање записници во електронска форма, размената на дигитални информации, докази и слично од кои што дел влегуваат во интероперабилноста“
додаде Тупанчески.