Постои објект, кој во моментов се адаптира за таа цел, за да биде ставен во функција, најави денеска министерот за правда
Работиме на создавање оптимални услови за лица што немаат 18 години, а треба да издржуваат казна, тоа да се направи во соодветни услови. Постои објект, кој во моментов се адаптира за таа цел, за да биде ставен во функција, соопшти денеска министерот за правда Никола Тупанчески.
„Пред две-три недели бевме во посета. И затворот, меѓутоа, и Управата за извршување санкции веќе имаа преземено одредена активност во однос на подобрување на нивните услови. Практично, имаше целосна физичка изолација, да немаат контакт со возрасните, меѓутоа не сум сигурен дека докрај е решен проблемот. Работиме и во таа насока да се обидеме не само за нив, туку да создадеме оптимални услови и за во иднина, доколку се појават лица кои немаат 18 години, а треба да издржуваат казна, тоа да се направи во соодветни услови“,
рече Тупанчески на прашање што се прави да се заштитат девојчињата од Волковија што се на привремен престој во затворот во Идризово.
Во врска со пријавите од девојчињата дека добивале закани од затвореничките, министерот Тупанчески повтори дека состојбата е подобрена, но не и целосно решена и дека како Министерство и УИС се обидуваат оптимално да реагираат.
Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски информира дека веќе е почната постапка за обезбедување услови и се во завршна фаза, а по исполнување на основните услови и законската рамка девојчињата ќе бидат преместени.
„Навистина има одличен објект во кој е вложено многу и тој објект, според капацитетот на исполнетост исполнет е една третина. Значи навистина идеални услови за осудени лица кои немаат направено 18 години, меѓутоа ќе треба да се направат одредени адаптации за да може да биде комплетно ставен во функција. Мислам дека ниту финансиски е оправдано таквиот објект, ако ние имаме можност, а заради некои недоречености не ја користиме можноста во целост“,
рече министерот Тупанчески.