Ирена Цветковиќ, која долги години ги следи и анализира состојбите со правата на маргинализираните групи, во дебата на „360 Степени“, зборуваше за реакциите, дури и на линија по закани на животот на организаторите и учесниците на парадата.
– Ние ја следиме состојбата со коментарите, особено на социјалните мрежи, и точно, тој тип на коментари се многу чести – зошто има потреба јавно да се манифестира. Јас кажав дека најголем дел од оваа заедница живее скриено, и токму затоа парадата е јавно манифестирање на сопствениот идентитет. Ако хетеросексуалците можат секојдневно да го перформираат и покажуваат јавно својот хетеросексуален идентитет, на ист начин, еден ден во годината, ЛГБТИ заедницата излегува да чекори по улиците, за да покаже дека постои, за да биде препознаена и во крајна линија, јавноста и јавниот простор почнува да ги разбира и прифаќа овие тела и овие идентитети кои чекорат по овие улици. Друг коментар којшто многу често се јавува е, на што сте па горди, за да излегувате и парадирате? Јас искрено, можеби сум малку сентиментална, но мислам дека, ако некој човек успее да преживее толкава стигма, да преживее искуства на насилство, кадешто, особено кај трансродовите луѓе, во нивната заедница е искуство коешто го има 100% од таа заедница и не постои човек од транс-заедницата којшто не искусил насилство, стигма, навреди, „булинг“ во училиште и слично… да го преживееш сето тоа, да се исправиш и да застанеш гордо да маршираш, не само во свое име, туку во име на оние коишто можеби тој ден не можат, се спречени да дојдат, заради страв или заради тоа што не живеат во безбедна околина, но и да го направиш тоа за идните генерации коишто доаѓаат, и тоа како заслужува медал, а камоли чувство на гордост – рече Цветковиќ.