Стартот на новата апликација доаѓа во време на засилени критики кон Твитер откако популарната социјална мрежа ја презеде американскиот бизнисмен Илон Маск
Името на новата апликацијата на компанијата, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, е наречена Инстаграм тредс (Instagram Threads) и се очекува да стартува веќе задутре, на 6 јули. Ова е веста што ја пренесуваат повеќе светски медиуми откако оваа информација се појави покрај апликацијата Тредс на популарната онлајн продавница за апликации на компанијата „Епл“ – „Епл стор“. Апликацијата веќе може да се преземе и на други платформи, но таму не го пишува датумот на пуштање во употреба.

Ова е кратката објава на „Епл стор“ за апликацијата.
„Кажете повеќе со Тредс – апликацијата на Инстаграм базирана на текст.
Тредс е место каде што заедниците доаѓаат за заедно да разговараат за сите теми за кои се грижите денеска и за теми кои ќе бидат важни утре. За што и да сте заинтересирани, можете да следите и да се поврзете директно со вашите омилени креатори на содржина и другите кои ги сакаат истите работи – да изградите лојални следбеници на вашите содржини и да ги споделите вашите идеи, ставови и креативност со светот“,
пишува на објавата на „Епл стор“.
Зошто е важно
Твитер и во моментов е една од најголемите социјални мрежи во светот и една од главните платформи кога станува збор за размена на мислења и споделување политички ставови и вести. Во април минатата година сопственик на Твитер стана познатиот, но и контроверзен бизнисмен Илон Маск, инаку „непријател“ на предводникот на „Мета“, Марк Закерберг. Маск повлече серија потези по преземањето на Твитер кои се покажаа непопуларни кај дел од корисниците. Прво, го намали модерирањето на објавите, даде повеќе слобода на претходно забранетите крајно десничарски групи, а многумина го обвинуваат дека на мрежата повторно лесно поминуваат лажни вести и дезинформации. Поради сето тоа, некои големи светски компании и влијателни личности веќе ја напуштија социјалната мрежа и бараат други платформи.
Отворањето на Тредс на моќна компанија како „Мета“ секако е обид да му одземат муштерии на Твитер. Според дел од технолошките веб-страници во САД, тоа што новата апликација ќе стартува на 6 јули не мора да значи дека таа ќе биде целосно функционална уште од првиот ден. Може да очекува, велат на пример од „Верџ“, постепено да се воведуваат функционалностите на Тредс.