
По обилните врнежи што ја зафатија територијата на Република Северна Македонија, надлежните служби се на терен за справување со поплави, одрони и штети. Еве како изгледа ситуацијата по региони:
Кочани и Штип
Во село Грдовци, кај Оризарска Река, има излевање на вода. „Водостопанство Брегалница“ интервенира со багер гасеничар, а од понеделник ќе започне чистење на коритото за да се спречат идни последици. Сообраќајот на патниот правец Кочани – Грдовци е нормализиран. На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони, а „Македонија пат“ интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин, КЈП „Нискоградба“ интервенира за расчистување на нанос од чакал и земја. Во селата Кравари, Жабени и Породин се пријавени поплавени земјоделски површини, а екипи на ЈП „Водостопанство“ интервенираат на Жабјанска и Елешка Река. Нивото на водата во реките постепено опаѓа.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови и објекти за складирање јаболка. Нивото на Голема Река е намалено од 2,20 на 1,40 метри. На терен се екипи од ЕЛС Ресен, „Македонија пат“ и ЈКП „Пролетер“ за проценка на состојбата.
Крушево
Водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути. Црна Река кај селото Бучин е покачена, но излеаната вода се повлекла. Надлежните служби интервенираат на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон селото Мренога е затворен поради оштетување на мостот на Боишка Река. Локацијата е обезбедена од надлежните служби.
Прилеп
Во селата Лажани и Пешталево се пријавени поплавени дворови, приземни простории и оштетување на тутун. Градежна механизација интервенираше за расчистување на неисчистени канали.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен, но СВР Тетово го забрани сообраќајот од безбедносни причини. Патните правци кон Жерма и Бродец се проодни. Состојбата во селото Стримница, општина Желино, се следи континуирано.
Надлежните апелираат на внимателност при патување и следење на локалните предупредувања, особено на критичните точки со вода и одрони.
