Во Демир-Хисар, поради оштетување на мост над Боишка Река, локалниот пат за село Мренога е затворен за сообраќај
Последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 12:30 часот укажува дека состојбата по обилните врнежи во земјава постепено се стабилизира. Во Охридско и Кичевско, каде што беше најкритично, водостоите на реките се намалуваат и нема опасност од нови поплави.

„Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип. Сепак, на повеќе локации и натаму има поплавени подрумски простории и дворови. Во Струшко, во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови, а состојбата се следи од надлежните служби. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Патните правци се проодни, со помали одрони кои редовно се расчистуваат“,
информираат од ЦУК.
Водостоите на реките Зајашка и Треска во Кичево се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е и состанок на Општинскиот кризен штаб за натамошни активности.
Во Демир-Хисар, поради оштетување на мост над Боишка Река, локалниот пат за село Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во коритата, освен Црна Река во атарот на селата Жван и Единаковци, каде што и натаму има излевање и поплавени земјоделски површини.
„Во Битола, состојбата е нормализирана, а водата постепено се повлекува од зафатените површини. Нивото на река Црна кај Новаци изнесува 320 цм. Во Ресен, поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, а во тек се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река“,
додаваат од Центарот за управување со кризи.
Во Скопскиот, Штипскиот, Велешкиот и Струмичкиот Регион состојбата е стабилна и без врнежи од дожд или снег.
Стабилно е и во Тетовско. Сите патни правци се проодни, а „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово-Попова Шапка. Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар-Маврово, кај каменоломот, од ЦУК информираат дека надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување.
Во Кумановско, на територија на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Сите патни правци се проодни.
„Патниот правец од село Пелинце до Граничен премин ‘Пелинце’ беше подмрзнат, но по интервенција од ЈП ‘Македонија пат’ истиот е целосно расчистен. Во Крива Паланка, Кратово и Страцин сите главни патни правци се проодни, со тековни интервенции за расчистување на одрони и снег на одредени локални делници“,
додаваат од ЦУК.
