Две семејства од странство се изгубиле и со возилата заглавиле на планински пат во околината на Мариово, обидувајќи се да го заобиколат патот кај Плетвар кој денеска беше поплавен и блокиран од одрон. Од ЦУК информираат дека за неколку часа по добивање на повикот за помош преку бројот 112, дежурните оперативци на три регионални центри се поврзале и ги лоцирале двете залутани возила помеѓу Рожден и Витолиште.
„Се работи за две возила од кое едното е од Литванија. Во возилата имало пет возрасни и четири деца. Двете возила биле заглавени независно едно од друго на растојние од 100 до 200 метри, едно зад друго. Од страна на оперативните дежурни работници во регионалните центри за управување со кризи е веднаш стапено во контакт дежурните оперативци од Министертвото за внатрешни работи и преку СВР Кавадарци е преземена акција за извлекување, со можност за дејствување и со тим со теренско возило од Михаилов“
се наведува во соопштение од ЦУК.
Двете возила биле пронајдени нешто по 19 часот , по што следувало и извлекување на возилата преку заедничка акција на ЦУК и МВР.
Патот кај Плетвар беше блокиран за сообраќај речиси десет часа поради излевање на вода и голем одрон уште во 6 часот утринава. Околу 15 часот, како што соопшти АМСМ патот Росоман-Прилеп беше пуштен за сообраќај.