Најголеми предизвици се регистрирани во регионите на Битола, Охрид, Кичево и вдолж патните правци

Обилните врнежи во изминатото деноноќие предизвикаа бројни проблеми низ државата, активирајќи ги екипите на Регионалните центри за управување со кризи (РЦУК) за интервенција на повеќе критични локации. Најголеми предизвици се регистрирани во регионите на Битола, Охрид, Кичево и вдолж патните правци.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека на подрачјето на Битола, јавните претпријатија и водостопанските компании се ангажирани за расчистување наноси и зајакнување на речните насипи.
Поради ерозија, предложено е привремено затворање на стариот пат Р-106 кон Пелистер и кај селото Цапари. Сообраќајот е пренасочен по главниот патен правец А-3.
Во Охридско-кичевскиот Регион се зголемени водостоите, но засега нема регистрирано излевања на реките. Најризична е состојбата во Кичево кај улицата „Прилепска“, каде е побарана итна интервенција од општинските служби.
Според информациите од ЦУК, во Охрид е интервенирано по пријави за поплавување на подрум во населбата Железничка. Како причина за проблемот се наведуваат диво ископани канали во тој дел.
Во Кумановскиот Регион, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, но за среќа, не е нанесена никаква материјална штета.
Исто така, мостовите во Коинце и Пелинце се расчистени од насобрани дрва и отпад, при што е констатирано дека нивната стабилност не е загрозена.
Од ЦУК велат дека по вчерашниот прекин на сообраќајот на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ поради голем одрон, веднаш било интервенирано и патот е расчистен по една лента.
Активностите за целосно обезбедување на трасата и нормализирање на сообраќајот продолжуваат, додаваат од ЦУК.
