Од ЦУК велат дека механизацијата на општините е на терен за санација на штетите

Екипи на општински јавни претпријатија интервенираат во справување со последиците што настанаа по обилните врнежи од дожд изминатото деноноќие.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека поради обилните врнежи од дожд во Охрид и околината има поплавени подруми, дворови и објекти во градот, а излеани се и неколку водотеци. На терен се екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“, кои интервенираат и ја отстрануваат водата.
Од ЦУК велат дека во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Поради поплавени објекти дел од жителите се евакуирани и сместени во спортската сала „Македонија“, каде што од страна на подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се обезбедени и транспортирани 30 полски кревети, како и соодветен број ќебиња од магацинот на ДЗС.

Од ЦУК велат дека општината и Црвениот крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на Итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица.
Во регионот на Битола, според информациите од ЦУК, е зголемен водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини.
„Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен“,
додаваат од ЦУК.
Поради обилните врнежи од дожд, во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети.
Поплави на локални патни правци и во неколку населени места се регистирани и во Гостивар и околината. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од „Водостопанство“ излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.
Во Ресенско, тим на ДЗС изминатите два дена со пумпи ја ваделе навлезената вода од подруми, куќи и објекти. Од Дирекцијата велат дека во подготвеност бил и тим на ДЗС со два чамци, што, за среќа, немаше потреба да дејствуваат.
