Според извештајот на ЦУК, до 7 часот утринава, изгаснати се вкупно 14 пожари

На територијата на државата утринава има 16 пожари на отворен простор, од кои само еден е сè уште активен, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од ЦУК велат дека сè уште активен е пожарот на територијата на општина Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје „Јасен“, каде што гори мешана шума.
Пожарот во општина Кичево, меѓу селата Челопеци и Миокази, каде што исто така гореше мешана шума, е ставен под контрола.
Според извештајот на ЦУК, до 7 часот утринава, изгаснати се вкупно 14 пожари. Два од овие пожари се изгаснати во Општина Куманово, а по еден во Босилово, Врапчиште, Тетово, Кочани, Ресен, Ново Село, Крушево, Теарце и Прилеп.
Од скопскиот регион, изгаснати се пожарите во општина Сарај, кај селата Радуша и Свиларе и во село Шишево и пожарот во Општина Арачиново.