ЦУК информира и за неколку интервенции на пожари на повеќе места во државата
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека пожарот на дивата депонија во Визбегово е изгаснат.

Според извештајот на ЦУК Скопје за состојбата со пожарите, пријавена е една интервенција на скопската противпожарна бригада на улица „Малешевска“ во Драчево каде што горела сува трева.
„Од бројот 112 добиена е пријава за пожар на сува трева во близина на автоплац ‘Ензо’ на булевар ‘Босна и Херцеговина’. Од бројот 112 добиена е и пријава за пожар во Долно Лисиче, кај местото викано Чаталот, Општина Аеродром. Известена е Територијална противпожарна бригада на Град Скопје“,
информираат од ЦУК Скопје.
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарот што во саботата попладне започна во атарот на село Бешиште, во близина на границата со Република Грција е сè уште активен.
„Според последните информации добиени од подружницата на ‘Национални шуми’ – ‘Црн Бор’ – Прилеп, пожарот е приземен во уредена шума со бор, даб и бука. Пожарот е поделен на два краци и тоа: Првиот кон местото викано Уров во атарот на село Бешиште, а вториот крак е кон село Градешница, Новаци. Пожарот е на многу непристапен терен за гаснење и дополнителна тешкотија за гаснењето претставува постојаните детонации од заостанати гранати од претходните војни. Во моментов на лице место има четворица вработени од ‘НШ ‘Национални шуми’ со едно возило“,
додаваат од ЦУК.
Регионалниот Центар за управување со кризи Велес информира дека противпожарната бригада во Свети Николе од околу 11 часот интервенирала со тројца пожарникари и едно противпожарно возило на пожар во атарот на село Ерџелија каде што горела сува трева и стрниште. Пожарот во моментов е локализиран.
До 12 часот напладне тројца пожарникари со едно противпожарно возило интервенирале на запалена сува трева и грмушки на автопатот Гостивар-Тетово, во близина на Неготинска Петља.