Во моментот, според информациите, активиран е кризниот штаб на Општина Тетово, се преземаат мерки и се дадени насоки до месното население да ги напушти загрозените живеалишта поради опасност од појавување нови свлечишта
Поради обилните врнежи од дожд што го зафатија западниот дел од државата, преку единствениот број за итни повици – 112 во Центарот за управување со кризи денеска била добиена пријава за настанато свлечиште во тетовското село Шипковица.

Свлечиштето, како што попладнево информира директорот на ЦУК, Мухамед Али, е во населено место и претставува опасност за жителите.
Според директорот на ЦУК, од свлечиштето директно се загрозени четири куќи.
Поради настаната ситуација, тој информира дека е активиран кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од Центарот за управување со кризи, Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово и од Градежниот инспекторат од Општина Тетово.
Во моментот, според информациите, се преземаат мерки и се дадени насоки до месното население да ги напушти загрозените живеалишта поради опасност од појавување нови свлечишта.
Од ЦУК истовремено информираат дека на територијата на Општина Штип се евидентирани одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања.
Таму се присутни екипи Јавното претпријатие „Македонија пат“ кои, како што велат од ЦУК, редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Во врска со одроните на патот кон селото Моштица на територијата на Општина Каменица, од Центарот за управување со кризи велат дека тие се исчистени и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
