Во Охрид е одржан состанок на Кризниот штаб и е донесена одлука за ставање на располагање на сите човечки и материјални ресурси за справување со поплавата поради излевање на реката Далјан. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се испумпува и вода од подруми, дворови и деловни простории. Проблеми се евидентирани и со Коселска Река кај село Ливоишта
Водостојот на реките во Кичевско се намалува, но на одредени локации сè уште е критично. Околу 120 луѓе од улица „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, а во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на оштетените објекти, објави на Центарот за управување со кризи во утринскиот извештај.

Во Охрид е одржан состанок на Кризниот штаб и е донесена одлука за ставање на располагање на сите човечки и материјални ресурси за справување со поплавата поради излевање на реката Далјан. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се испумпува и вода од подруми, дворови и деловни простории. Проблеми се евидентирани и со Коселска Река кај село Ливоишта.
Во Скопскиот Регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд.
„Во Општина Кочани има локално излевање на Кочанска Река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП ‘Водовод’ со механизација. Зрновска Река се излеа пред вливот во реката Брегалница. Оризарска Река се излеа кај село Грдовци, каде што состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство ‘Брегалница’ интервенира со тешка механизација, а МВР го има забрането сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото. Злетовска Река и река Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува критична“,
наведуваат од ЦУК.
Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патниот правец од село Неокази до село Петришино, сообраќајот е отежнат.
„Во Битолско градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде што има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти. Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат. Сите јавни претпријатија и надлежни служби интервенираат со механизација и човечки ресурси“,
додаваат од Центарот за управување со кризи.
Како последица на врнежите во Ресен се поплавени земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат.
Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реката Црна и на реката Обедничица, поплавени се дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетена, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки.
Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане засега нема излевање на реките, а нема нарушување на редовната состојба ниту на подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово.
„Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон село Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни. Општината интервенира со механизација. Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета. Случајот го обработуваат надлежните служби. Во општина Желино, пријавено е излевање на реката Вардар во село Стримница, каде што е испратена механизација од ЈКП“,
додаваат од ЦУК.
