Три од активните пожари се на територијата на општина Долнени, Прилепско, кај селото Зрзе. И понатаму е активен пожарот кај селото Бељаковце, Кумановско, како и оној кај селото Долна Ѓоновица на подрачјето на Гостивар
Инаку, по реакции од граѓани на Аеродром поради непријатниот мирис што се ширеше на територијата на Општината, општинските инспектори вчера попладне излегле на терен. Тие, како што соопштија утрово од Општината, затекнале пожар во близина на препумпната станица „Лисиче“, кој веднаш бил изгаснат од противпожарната служба. Овој пожар, како што наведуваат оттаму, не бил причината за чадот што се ширеше на територијата на оваа скопска општина, туку други пожари во градот и околината
Пет пожари на отворено и понатаму се активни на територијата на државата од вкупно 49, колку што биле регистрирани вчера и на кои интервенирале противпожарните екипи, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Три од пожарите се во општина Долнени, Прилепско, каде што сè уште горат два крака кај селото Зрзе, еден кон селото Ралево, а втор кон селото Сливје. Активен на ова подрачје и пожарот на потегот од село Костинци кон селото Зрзе.
Како што информираат од ЦУК, зафатена е сува трева, ниска вегетација и деградирана шума.
Според утринскиот извештај на Центарот, и понатаму активен е пожарот кај селото Бељаковце, Кумановско, каде што гори сува трева и ниска шума, како и оној кај селото Долна Ѓоновица, на подрачјето на Општина Гостивар, каде што е зафатена дабова шума и ниска шума, ливади и грмушки.
Преостанатите 44 пожари, кои вчера гореле на територијата на државата, се изгаснати.
Најмногу, според ЦУК, ги имало во Скопје и околината, вкупно 11, меѓу кои оние на потегот од населбата Илинден кон селото Арачиново и во селото Арачиново, каде што гореа трска, смет и сува трева.
Инаку, по реакции од граѓани на Општина Аеродром поради непријатниот мирис што се ширеше на територијата на Општината, општинските инспектори вчера попладне излегле на терен. Тие, како што соопштија утрово од Општината, затекнале пожар во близина на препумпната станица „Лисиче“, кој веднаш бил изгаснат од противпожарната служба. Овој пожар, како што наведуваат оттаму, не бил причината за чадот што се ширеше на територијата на Аеродром.
„Воедно, од нивна страна (на инспекторите н.з.) беше констатирано дека чадот и мирисот се предизвикани од пожари кој доаѓа од други општини во градот Скопје и околината. Во насока на решавање на проблемот, а со оглед на тоа дека надлежностите на општинскиот инспекторат се само на нашата територија, Општина Аеродром во неколку наврати реагираше за нивно гасење. Во оваа можност уште еднаш ги повикуваме надлежните служби да ги преземат сите неопходни мерки за решавање на проблемот. Општина Аеродром и понатаму стои на располагање за решавање на сите проблеми кои се во надлежност на општината“,
се наведува во соопштението од Општина Аеродром.

Десет пожари вчера, според извештајот на ЦУК, имало во Општина Прилеп, каде што во четири одделни наврати, противпожарни екипи интервенирале кај касарната во градот. Пет пожари гореле и во Општина Струга, три во Битола, а исто толку имало на територијата на Општина Велес.
Сите овие пожари се изгасни, а според извештајот, во нив биле опожарени сува трева, стрништа, смет и грмушки.