Во текот на вчерашниот ден и ноќеска од ЦУК велат дека се изгаснати вкупно 23 пожари во повеќе општини низ земјата

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека на територијата на Северна Македонија во изминатите 24 часа, до 7 часот утрово, биле регистрирани вкупно 29 пожари на отворено.
Од нив, три се активни, три се под контрола, а 23 се веќе изгаснати.
Активен пожар има во Општина Гевгелија, на планината Кожуф, каде гори букова шума. Сè уште гори и во Општина Македонски Брод, над селото Бенче, на планината Добра Вода, каде пожарот има зафатено дабова шума и папрат.
Третиот активен пожар, како што велат од ЦУК, е во Општина Чучер Сандево, во селото Малино, каде гори мешана шума.
Под контрола се пожарите во Општина Гази Баба, во атарот на селото Виниче, во Општина Студеничани, кај селото Батинци и на градската депонија „Острец“ во Делчево.
Во текот на вчерашниот ден и ноќеска од ЦУК велат дека се изгаснати вкупно 23 пожари во повеќе општини низ земјата. Повеќето од овие пожари зафатиле ниска вегетација, стрништа и диви депонии.