Во текот на денот, екипа на „Македонија пат“ интервенирала на отстранување одрони на камења кај м.в. Чатал и отстранување градежен материјал од стара напуштена куќа од една коловозна лента во с. Шлегово, на патниот правец Страцин – Пробиштип

По обилните врнежи од дожд, состојбата со водостоите на реките на територијата на земјава до 18 часот денеска е стабилна, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„На територија на Општина Куманово, Општина Старо Нагоричане, Општина Ранковце и Општина Липково нема излевање на реките. Нивото на реката Пчиња е во опаѓање и нема опасност за излевање“,
соопшти ЦУК.
Во текот на денот, екипа на „Македонија пат“ интервенирала на отстранување одрони на камења кај м.в. Чатал и отстранување градежен материјал од стара напуштена куќа од една коловозна лента во с. Шлегово на патниот правец Страцин – Пробиштип.
Исто така, додаваат од ЦУК, на територијата на Општина Кратово нема обилни врнежи од дожд. Водостоите на Кратовска и на Крива Река се зголемени.
„Во Охридскиот Регион по обилните врнежи од дожд во изминатите денови има навлезено вода во повеќе куќи во подрумите и дворовите каде се интервенираше од страна на ЈП Нискоградба и останати ЈП од општината. Локалната самоуправа со багер денеска ги расчистува запушените корита и канали на помалите реки во Општината. Поплавени подруми, дворови и бавчи имаше на ул. ‘Железничка’, ‘Ариф Мустафа’, ‘Аџи Мустафа’, ‘Лескајца’, ‘Долно Лакочереј’ и во други делови од градот во помал обем. Во овој момент започнати се нови врнежи од дожд, но со мал интензитет и нема пријавени дополнителни проблеми“,
наведуваат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека во Битолскиот Регион нема нови врнежи од дожд, реките се вратиле во речните корита и се со тенденција за намалување, односно нивото на водата е намалено.
„На територија на Општина Ресен како резултат на обилните врнежи повеќе нема излевање на реките од речните корита, нивото на водата е значително намалено и во опаѓање. Во Општина Демир Хисар веќе нема излевање на реките од речните корита, нивото на водата е значително намалено. Пријава за одрон има на патниот правец Р-1305 Битола – Кичево кај с. Железнец. Известени се МВР – ПС Демир Хисар и ‘Македонија пат’. На расчистување интервенира ‘Македонија пат’“,
стои во соопштението на ЦУК.
И во Скопскиот Регион, додаваат оттаму, во моментов во РЦУК Скопје не се пристигнати пријави за нарушување на редовната состојба во Градот Скопје и неговата околина како последица од врнежите.
И во Струмичкиот, Штипскиот и Велешкиот Регион, поради обилните врнежи, нивото на речните корита е зголемено, но не е забележано излевање и состојбата е мирна. На територијата на РЦУК Велес, РЦУК Неготино , РЦУК Кавадарци и РЦУК Свети Николе нема нарушување на редовната состојба, нема излевања на реките, додава ЦУК.
Од центарот информираат и дека во северозападниот регион, што ги покрива РЦУК Тетово и РЦУК Гостивар, состојбата е стабилна, а има пријава за одрон кај патот Маврово – Дебар. Од ЈП „Македонија пат“ е испратена екипа на отстранување на одронот.
