На локалниот пат кон Вејце, на околу еден километар пред селото, има загинато мече кое најверојатно настрадало во сообраќајна несреќа од непознат сторител, информираат од ЦУК

На локалниот пат кон селото Вејце утрово било најдено загинато мече, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пријавата била стигната на бројот за итни повици 112, во 8:25 часот, од лице вработено во Националниот парк „Шар Планина“.
„Денес утрово во 8:25 часот на бројот 112 лице вработено во Национален парк ’Шар Планина’ пријави дека на локалниот пат кон Вејце, на околу еден километар пред селото, има загинато мече кое најверојатно настрадало во сообраќајна несреќа од непознат сторител“,
се вели во соопштението од ЦУК.
Од ЦУК велат дека екипа на МВР извршила увид на местото на несреќата.
„Телото на мечето е предадено на Агенцијата за храна и ветеринарство за дополнителни анализи“,
додаваат од ЦУК.
Ова не е прв случај на мечка да биде усмртена во сообраќајна несреќа. На почетокот на месецот, на регионалниот пат Тетово-Јажинце, кај селото Доброште, од Министерството за внатрешни работи информираа дека возило удрило во мечка и ја усмртило. Во сообраќајната несреќа немаше повредени лица, а причинета беше значителна материјална штета на возилото кое удрило во мечката.
На истиот пат Тетово-Јажинце кај селото Доброште и на 14 јули годинава се случи сообраќајна несреќа во која беше прегазена и усмртена мечка. Тогаш во несреќата учествувале две патнички моторни возила, при што беа повредени двајцата возачи. Мечката беше предадена на Национален парк „Шар Планина“.
Во последниот период сè почесто има присуство на мечки во близина на населени места. Жителите на селото Жировница неколку пати имаа директна средба со мечки.
Вчера од ЦУК информираа дека возрасен маж се здобил со телесни повреди откако бил нападнат од мечка на потегот помеѓу селата Пласница и Ораоец, во рамки на Општина Македонски Брод.
Селата Пласница и Ораоец, на чиј потег се случил нападот од дивото животно, се оддалечени на околу 70 километри од Националниот парк „Маврово“ од каде што мечките во последно време почнаа зачестено да се симнуваат во населените места во потрага по храна.
На крајот на септември годинава општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста којашто тие ја имаат по локалното население.
По однос на проблемот во Маврово и Ростуше, Владата им даде рок од три месеци на Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат мечките. За координација на активностите на институциите, пак, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Владата претходно донесе превентивни мерки кои треба да го намалат присуството на мечките во Маврово и Ростуше. Препорачано беше чистење на ѓубриштата во и околу населените места, како и контролирање на сите придружни објекти во кои се чува храна, добиток или пчели, а тие да бидат обезбедени со ограда под електричен напон, а местата за одлагање на комунален отпад да бидат затворени со метална ограда.