Според информациите, активен останува пожарот во селото Долгаец, во Општина Долнени
На територијата на државата денеска до 18 часот се регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, шест се изгаснати, два се ставени под контрола, а еден е сè уште активен. Според информациите, активен останува пожарот во селото Долгаец, во Општина Долнени, каде што гори мешана шума и е зафатена поголема површина.
„Екипите се на терен и работат на локализација на пожарот, но гаснењето е отежнато поради тешко пристапниот терен и високите температури“,
велат од ЦУК.
Под контрола се пожарот во резерватот „Јасен“, во Општина Македонски Брод, како и пожарот во село Опае, во Општина Липково, каде што претходно гореше сува трева и стрниште.
Изгаснати се шест пожари во различни региони. Во Куманово, на улица 60, во близина на железничката станица, бил изгаснат пожар во кој горела сува трева. Во Тетово, пак, пожарникарите интервенирале на депонија покрај пругата каде што избувнал оган. Во Општина Желино е изгаснат пожарот кај селото Палатица, додека во Радовиш е локализиран пожар на отворено каде што горела сува трева.
ЦУК дополнително информира дека успешно се изгаснати и пожарите во Општина Василево, кај селото Пиперово, каде што гореа трска, сува трева и депонија, како и во Општина Босилово, во близина на селото Моноспитово, каде што горела сува трева.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не предизвикуваат пожари бидејќи високите температури и сувата вегетација создаваат услови за брзо ширење на огнот.