Претходно денеска, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов соопшти дека пожарот во „Јасен“, кој беше активен десетина дена, конечно е изгаснат од дождот што денеска наутро го зафати регионот. Сепак, тој предупреди дека и покрај врнежите, опасноста од повторно разгорување сè уште постои
Од 15 пожари на отворен простор, колку што имало во текот на денешниот ден на територијата на државата, до вечерва, заклучно со 18:30 часот, активен е само еден, кај селото Тумчевиште, во Општина Врапчиште, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Под контрола, според ЦУК, се ставени три пожари, а 11 се изгаснати.
Под контрола се ставени пожарите во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во Општина Македонски Брод, каде гореше мешана шума, како и стихиите во селата Беловодица кај местото викано Ливада и селото Лењиште, каде беше зафатена букова шума и во селата Стровија и Долгаец (мешана шума).
Претходно денеска, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов соопшти дека пожарот во „Јасен“, кој беше активен десетина дена, конечно е изгаснат од дождот што денеска наутро го зафати регионот. Сепак, тој предупреди дека и покрај врнежите, опасноста од повторно разгорување сè уште постои.
Ангелов изјави дека на одредени места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење. Поради тоа, екипите ќе продолжат со пешадиско дејствување за да се изгаснат жешките точки и да се спречи повторно ширење на пожарот.
Инаку, според информацијата од ЦУК, до 18.30 часот изгаснати се пожари во:
- Општина Сопиште: кај Брана Езеро Козјак (ниска вегетација и шума);
- Општина Студеничани: с. Горно Количани и с. Драчевица планински врв Китка (мешана шума);
- Општина Кичево: с. Душегубица (ниска вегетација и ниска шума);
- Општина Охрид: с. Велгошти (ниска вегетација);
- Општина Велес: с. Клуковец (ниска вегетација);
- Општина Росоман: с. Дебреште (ниска вегетација);
- Општина Кавадарци: с. Брушани (ниска вегетација);
- Општина Демир Хисар: с. Кутретино (депонија);
- Општина Битола: м.в. Тепсија (ниска вегетација);
- Општина Брвеница: с. Милетино (ниска вегетација);
- Општина Гостивар: во близина на Болница во Гостивар (ниска вегетација).