Поранешниот претседател, на дебата на Подгоричкиот клуб, во рамки на 27. „Копаоник бизнис форум“, првпат коментира за одлуката на Брисел – Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори со ЕУ
Поранешните балкански политички лидери со песимистички тонови во однос на динамиката на интеграциските процеси за земјите од Западен Балкан
Го сменивме името заради ЕУ и затоа недобивањето датум за почеток на преговорите предизвика разочарување во земјата, оценил поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски, на дебата на Подгоричкиот клуб, во рамки на 27. „Копаоник бизнис форум“, кој почна вчера и ќе трае до 4 март.
Во рамки на овој форум, синоќа се одржала дебата на Подгоричкиот клуб на тема „Визијата за Западен Балкан 2030“. Како што е објавено на веб-страницата на форумот, Црвенковски бил еден од говорниците на конференцијата, покрај поранешните функционери од другите земји од регионот, како Горан Свилановиќ, Мирко Цветковиќ, Алфред Муслиу, Филип Вујановиќ…
По подолга дистанца од политичките случувања во земјава, Црвенковски на овој настан првпат коментирал за одлуката на Европскиот совет, од октомври минатата година, Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Црвенковски, кој беше на чело на државата во периодот 2004 – 2009 година, а претходно долго време и во неколку мандати беше премиер и лидер на СДСМ, нагласил дека неколкупати била одбивана препораката на Европската комисија за почеток на преговори на членство на нашата земја во ЕУ. Претходно, како што рекол, тоа се случувало затоа што не беше решено прашањето на односите со Грција.
„Ние сега го направивме тоа. И го направивме тоа само заради ЕУ, а не затоа што ни се допаѓа тоа име. Секако, дека потоа следуваше шок и разочарување“,
изјавил Црвенковски во дебатата во Копаоник, ден пред објавувањето на новиот извештај на ЕК за Северна Македонија, во кој повторно има препорака за почеток на преговорите.
Некогашниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, се согласил дека одлуката на Брисел за неопределување датум за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија е сериозен пропуст и лоша порака за сите во регионот. Тој ја критикувал и иницијативата за формирање „мини-шенген“.
„Идејата и чинот се добри, ама тоа не е начин. Требаше да се почне од сите шест држави во регионот, а не само од некои“,
рекол Вујановиќ.
Младен Иваниќ, поранешен член на Претседателството на БиХ, како што се пренесува, бил мошне песимистичен во однос на прашањето на европската иднина на Западен Балкан. Според него, Брисел не е во целост искрен кога вели дека го гледа Западен Балкан во ЕУ, затоа што, како што рекол, уште во 2007 година, на некои неформални средби во Брисел, се зборувало дека децении по Хрватска нема да има проширување на ЕУ.
„Србија и натаму ќе преговара во 2030 година. Можеби ќе има некое поглавје помалку или повеќе, ама и натаму ќе се преговара, додека некои од другите држави тогаш само што ќе ги почнат преговорите“
прогнозирал Иваниќ.
Последниот јавен настап на Црвенковски беше лани летото, исто така, на дебата на Подгоричкиот клуб, што тој ја организираше во Скопје. Тогаш тој предупреди дека евентуалното недобивање датум за почеток на преговори со ЕУ ќе предизвика големо разочарување во земјава.
*поврзани вести: ЕК го објави мини-извештајот – Северна Македонија ги зајакна реформите и треба да почне преговори
Заев: Нè радува извештајот на ЕК, час поскоро очекувам одлука за датум