Со затворањето на овие пет поглавја, Црна Гора ќе влезе во 2026 година со вкупно 12 затворени поглавја. Ќе треба да затвори уште 20 следната година, за да може да се исполнат условите за нејзино зачленување во ЕУ до крајот на 2028 година

Црна Гора ќе затвори пет поглавја во преговорите за членство во Европската унија, по интензивната дипломатска мисија на премиерот Милојко Спајиќ и неговиот тим, информира Радио-телевизија Црна Гора. Како што се додава, сите земји-членки се согласуваат дека Црна Гора треба да ги затвори планираните пет поглавја, а тоа се очекува да се случи на Меѓувладината конференција на 16 декември.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека во изминатите два дена имал пријателски и конструктивен разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, по што Црна Гора ќе ги затвори сите пет поглавја на следната Меѓувладина конференција.
„Со нетрпение очекувам да ве видам, драг пријателе, во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан следната недела, а потоа и во Црна Гора следната година“,
напиша Милатовиќ на социјалната мрежа Икс.
Over the past two days, I had a friendly and constructive exchange with @EmmanuelMacron, following which Montenegro will close all five chapters at the next Intergovernmental Conference.
— Jakov Milatovic 🇲🇪🇪🇺 (@JakovMilatovic) December 14, 2025
I look forward to seeing you dear friend in Brussels at the EU–Western Balkans Summit next…
На Меѓувладината конференција, Црна Гора ќе ги затвори поглавјата 3 – Право на основање компанија и слобода на обезбедување услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Право на деловните друштва, како и поглавјата 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.
Франција првично најави дека ќе го блокира затворањето на поглавјата 11 и 13, но оваа одлука била сменета.
Како што е најавено, премиерот Спајиќ ќе патува во Брисел на 16 декември, каде што прво ќе има формална церемонија за затворање на поглавјата, а потоа ќе одржи прес конференција заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, на прес-конференција со Генералниот секретар на НАТО Марк Руте пред неколку дена, изјави дека треба да почне подготовката на договор за пристапување на Црна Гора кон Европската унија.
„Тука сакам јасно да кажам: токму со Црна Гора, која веројатно постигна најголем напредок меѓу кандидатите, сега можеме да преминеме на следниот чекор и наскоро да започнеме со работа на договорот за пристапување. Тоа е и во наш интерес, бидејќи колку поблиску сме поврзани, толку подобро можеме да дејствуваме заедно во Европа. Ова е особено поврзано со ограничувањето на нелегалната миграција. За нашите две земји ова е од големо значење“, рече Мерц.
Со затворањето на овие пет поглавја, Црна Гора ќе влезе во 2026 година со вкупно 12 затворени поглавја. Ќе треба да затвори уште 20 следната година, за да може да се исполнат условите за нејзино зачленување во ЕУ до крајот на 2028 година.
Земјата го доби кандидатскиот статус во 2010 година, а ги отвори преговорите во 2012. Досега има отворено 33 поглавја.
