Меѓу приведените во немирите е и советник на претседателот Мило Ѓукановиќ, а премиерот Кривокапиќ немирите ги нарече обид за терористички акции и ја обвини партијата на Ѓукановиќ за организатор
Во Цетинскиот манастир во Црна Гора, подоцна од планираното, заврши церемонијата на устоличување на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј. Процесијата, која беше планирана во 8 часот, започна со задоцнување поради немирите кои почнаа рано изутрина во Цетиње, при што демонстранти се обидоа да спречат интронизацијата да се случи во тамошниот манастир.
По свечениот чин, Јоанакиј замоли за прошка затоа што свештенството и патријархот виделе многу непријатности и поделби во Црна Гора и нагласи дека ќе служи за братско помирување во Црна Гора.
Српскиот патријарх, пак, порача дека тие не дошле во Црна Гора за да украдат нешто.

„Со овој свечен чин, ние не дојдовме да украдеме ништо, кого било да загрозиме или, не дај Боже, да украдеме нешто. Дојдовме да го извршиме светиот чин на устоличување на местото на архиепископот на оваа епархија“,
рече Порфириј.
Поради тензичната ситуација, тој и митрополитот Јоаникиј со хеликоптер и силно полициско обезбедување беа пренесени во Цетинскиот манастир некаде по 9 часот, а по устоличувањето двајцата со хеликоптер се вратија во Подгорица.


Демонстрантите, кои уште од вчера ги блокираа приодите кон Цетиње, од утрово се судија со полицијата која, пак, употребуваше шок бомби и солзавци за да ги растера. Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите има и неколку повредени, но и приведени. Меѓу приведените е и Веселин Вељковиќ, советник на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Вицепремиерот Дритан Абазовиќ ги обвини советникот и опозициската ДПС дека утрово го започнале нападот врз полицијата, споделувајќи видео на социјалните мрежи.
„Погледнете како Веселин Вељковиќ, советник на претседателот на државата и група пратеници на ДПС утрово започнаа напад на полицијата. Сега веројатно на сите им е јасно. Апелираме на мир и смирување на тензиите“,
објави Абазовиќ утрово.
Pogledajte kako je Veselin Veljović, savjetnik Predsjednika države i grupa poslanika DPS započela jutros napad na @PolicijaCG .
— Dr Dritan Abazovic (@DritanAbazovic) September 5, 2021
Sad je valjda svima sve jasno!
Apelujemo na mir i spuštanje tenzija. pic.twitter.com/TRwaiJQrkr
Дека Вељковиќ завршил со лисици на рацете, се пофали и премиерот Здравко Кривокапиќ, кој потоа немирите ги нарече обиди за терористички акции.
„Напад врз полицијата е напад врз државата! Се што се случи вчера и денеска во Цетиње е обид за терористички акции. Сосема е јасно дека нарачателите и организаторите се највисокото раководство на ДПС во соработка со организирани криминални групи на кои државата ќе им застане на патот“,
напиша Кривокапиќ на Твитер.
Napad na policiju je napad na državu! Sve što se dešavalo juče i danas na Cetinju je pokušaj terorističkih akcija.
— Zdravko Krivokapić (@profKrivokapic) September 5, 2021
Potpuno je jasno da su nalogodavci i organizatori najviše rukovodstvo DPS-a u saradnji sa organizovanim kriminalnim grupama kojima će država stati na put!
Ѓукановиќ, кој замина во Цетиње, рече дека тоа што се случило со устоличувањето е срам за Српската правосла црква (СПЦ) и владата на Црна Гора.
„Со брутална злоупотреба на државните ресурси, првенствено армијата и полицијата, и целосно несоодветна употреба на сила против мирно собраните граѓани, црногорската влада обезбеди насилно устоличување на митрополитот Јоаникиј, против волјата на огромното мнозинство граѓани на Цетиње и значителен број граѓани на Црна Гора. Само човек без достоинство би дозволил да биде внесен во манастирот Цетиње на таков начин со десантно слетување хеликоптер и под заштита на панцири, на тој начин да го посрамоти тронот на Св. Петар Цетински. Цетиње уште еднаш беше на висина на задачата, како што беше многупати во историјата на Црна Гора“,
рече тој.
Поради тензичната ситуација во Цетиње се огласи и Амбасадата на САД во Црна Гора со повик до сите страни да ја смират ситуацијата.
„Верските слободи и слободата на изразување, вклучувајќи мирно собирање, мора да се почитуваат. Иако имаше многу вперување со прст за тоа кој е одговорен, на крајот, поединците ќе одговараат за своите постапки“,
порача Амбасадата на САД.
