Еврокомесарката истакна дека на Црна Гора ѝ е потребно фокусирано и посветено лидерство и национално единство, додавајќи дека на земјата ќе ѝ биде обезбедена поддршка на секој чекор од патот додека не стане дел од ЕУ. Додаде дека затворањето на новите пет поглавја во преговорите е знак за голем напредок за Црна Гора
Црна Гора никогаш не била поблиску до Европската Унија – порача еврокомесарката за проширување Марта Кос откако земјата затвори уште пет поглавја во преговорите со ЕУ на денешната Меѓувладина конференција во Брисел.

„Претстојната година е клучна за напредок. Сепак, сè уште има многу работа што треба да се направи, особено во однос на зајакнувањето на владеењето на правото“,
порача еврокомесарката.
Кос истакна дека на Црна Гора ѝ е потребно фокусирано и посветено лидерство и национално единство, додавајќи дека на земјата ќе ѝ биде обезбедена поддршка на секој чекор од патот додека не стане дел од ЕУ. Додаде дека затворањето на новите пет поглавја во преговорите е знак за голем напредок за Црна Гора.
Се работи за поглавјата 3 – Право на основање и слобода на обезбедување услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Деловно право, 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.
Црна Гора ги има отворено сите 33 поглавја во преговорите со Европската Унија. Целта е Подгорица е во текот на 2026 година да затвори над 20 поглавја, со што би можела да ги заврши преговорите во 2027 година и да биде подготвена за членство во ЕУ до крајот на 2028 година.
