Помалку од 40 отсто од скоро 146 милиони луѓе во Русија се целосно вакцинирани, иако земјата ја одобри домашната вакцина против ковид-19 месеци пред сите останати во светот

Бројот на смртни случаи од коронавирус во Русија денеска е поголем од 1 200 што е втор ден по ред, додека бројот на новозаразени опаѓа, но сепак и тој е поголем од претходниот бран на пандемијата.
Според податоците од руската државна оперативна група за коронавирусот, во изминатите 24 часа од ковид-19 починале 1 251 лице, што е највисока бројка од почетокот на пандемијата во март 2020 година.
Со ова Русија го сруши вчерашниот рекорд од 1 247 смртни случаи во едно деноноќие.
Во последните 24 часа регистрирани се и 37 374 новозаразени лица.
Здравствените експерти во Русија причини за најновиот пораст на инфекции и смртни случаи ги наведуваат ниската стапка на вакцинација и непочитувањето на епидемиолошките мерки.
Помалку од 40 отсто од скоро 146 милиони луѓе во Русија се целосно вакцинирани, иако земјата ја одобри домашната вакцина против ковид-19 месеци пред сите останати во светот.
За да ја зголеми стапката на имунизација, руската Влада најави дека од следната година ќе стапат во сила нови рестриктивни мерки. Тие предвидуваат пристап до многу јавни места, како и домашните и меѓународните возови и летови, да имаат само целосно вакцинирани лица и оние кои прележале ковид или се медицински ослободени од вакцинација.