Централниот одбор ги повтори заложбите за одржување на референдум за рудникот во Иловица, а избран е и нов организациски секретар
Владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија денеска одржа седница на Централниот одбор, соопштија од партијата. На седницата, на која голем дел од членовите учествувале онлајн, се донесени четири заклучоци и предлози.
Прво, било оценето дека скрининг-процесот со ЕУ се одвива добро и дека наскоро ќе заврши успешно. Владата, велат од партијата, останува посветена на европскиот пат.

„Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени“,
соопштија од СДСМ.
Вториот заклучок што го донел ЦО на СДСМ е поздравување на намалувањето на инфлацијата на едноцифрена броја, односно 9%. Од партијата очекуваат трендот да продолжи.
Третиот заклучок се однесува на постапката за отворање рудник во Иловица. Од партијата велат дека го реафирмираат ставот даден пред граѓаните на Босилово, Василево и Ново Село, во однос на постапката за рудник која почнала во времето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да дозволат рудник без зелено светло од граѓаните.

„Без консултација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина согласно постојното законодавство, усогласено со европското, нема да се даде дозвола за отворање на рудник.
Оттука, ставот на СДСМ е дека само граѓаните на југоисточниот плански регион, во општините Струмица, Босилово, Василево и Ново Село, можат да одлучат и треба на референдум да се произнесат за ова важно прашање“,
соопштија од СДСМ.
И последната е одлука за избор на организациски секретар. По предлог на генералниот секретар Миле Зечевиќ, за нов организациски секретар на партијата членовите на ЦО едногласно го избрале Митко Трајчулески. Неговиот претходник, Вангел Андрески, поднесе оставка поради нов ангажман, во новото општинско претпријатие, ДООЕЛ Енергија Центар.