Со Договорот од Преспа ја принудивме ЕУ да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне својата улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Северна Македонија туку и за Албанија, вели поранешниот премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, во интервју за МИА. На тригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, Ципрас вели дека се воспоставил стратегиски однос на соработка и пријателство меѓу двете држави.
„Покажавме дека прогресивните сили навистина можат да го сменат светот и дека е изводливо изнаоѓањето заемно прифатливи договори, доколку постои почитување. Меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право. Не беше лесно за мене и за Зоран, ниту за Никос Коѕијас и Никола Димитров. Во преговорите имаше и несогласувања и конфронтации. Но, меѓу нас постоеше почитување и политичка волја дека работите треба да се променат кон подобро, без разлика колку и да е тешко. Така се гради пријателство и во политиката и на човечко ниво“,
вели Ципрас.
Ципрас порачува и дека по примерот на Грција и Македонија, сега треба Бугарија да најде политичка волја за решение.
„За жал, веќе подолго време гледаме тенденции за враќање во минатото со замрзнувањето на Меѓувладината конференција од страна на Бугарија. Го разбирам разочарувањето на народот од Македонија. Единствено можам да кажам е дека колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемни прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото“,
додава Ципрас.
Ципрас додава и дека ако тој сè уште беше на власт ќе инсистирал на доследна примена на Преспанскиот договор. Наведува дека ќе пристапеле кон одржување на вториот Совет за соработка на високо ниво, ќе имало напредок за трговските ознаки и ќе била спроведена и одлуката од јуни 2019 година за учебниците во Македонија.
„Имплементацијата на Договорот не се одвива во лабораториски услови. Само со постојана комуникација, почит, упорност и градење доверба можеме заедно да им одговориме на оние кои сакаат да го поткопаат Договорот. Па така, високо ќе ја поставевме целта за спроведувањето на Договорот од страна на Грција и истото ќе го побаравме и од нашите пријатели. Во оваа рамка, како што беше случај со многу други јавни ентитети во Македонија, особено за време на владата на СИРИЗА, навремено ќе беше решено и прашањето со дресовите на репрезентацијата, на начинот предвиден во Договорот од Преспа“,
порачува Ципрас.
Премиерот Заев на годишнината од потпишувањето, порача дека Договорот е пример за моќта на дипломатијата и дијалогот.
Тој на Фејсбук, споделувајќи видео од потпишувањето на Договорот, напиша дека се реши тридеценискиот спор со Грција кој имаше сериозни негативни билатерални, регионални и мултилатерални импликации и кој светот го препознаваше како тежок и нерешлив проблем. Преспанскиот договор, според Заев, е модел за многу други отворени прашања.
„Со тогашниот премиер Ципрас си рековме дека нема да го ставиме процесот во кутијата на црвените линии.Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно! Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите. Денес имаме само придонеси од решената разлика. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција и придонесовме да зајакне регионална стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан.Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ“,
напиша Заев.
Договорот од Преспа меѓу двете земји беше потпишан на 17 јуни 2018 година во Псарадес, од грчката страна на Преспанското Езеро.