Тој побарал вонреден збор на собраниската седница во грчкиот Парламент, упатил остри критики и обвинувања кон акуелната власт и најавил дека ќе достави предлог за гласање недоверба на „најлошата Влада во земјата по падот на Хунтата“
Лидерот на грчката опозициска партија Сириза, Алексис Ципрас достави предлог за гласање недоверба на Владата, пренесе МИА од Атина.
Како што информира МИА, за време на расправата во Парламентот за закон од Министерството за развој, Ципрас вонредно побарал збор и упатил остри критики и обвинувања кон актуелната власт, особено поради справувањето снежната бура, која деновиве ја парализираше Атина. Тој истакнал и оти вонредно бара збор за да достави предлог за гласање недоверба на „најлошата Влада во земјата по падот на Хунтата“.
„Имаме обврска очајот и гневот на мнозинството да ги направиме сила за политички промени. Оваа Влада треба што е можно поскоро да си замине, што побрзо, толку подобро. Пред да биде доцна за општеството, земјата, демократијата. Да си одите, бидејќи не може со гневот на општеството да се справувате со половични извинувања“,
рече Ципрас и додаде дека стравот и несигурноста веќе две години станаа секојдневие на граѓаните.
Паралелно, ги повикал сите „општествени и политички сили да бидат присутни во борбата за ослободување на државата од режимот на Мицотакис“.
Со доставувањето на предлогот на Сириза за гласање недоверба, запираат актуелните активности во Парламентот, а веројатно утре ќе започне тридневната расправа, која ќе заврши во недела на полноќ со гласање недоверба на Владата.
Владата на Нова демокрартија во Парламентот има 157 пратеници, шест повеќе од минималната граница за парламентарно мнозинство.