Републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас, претседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот, истакна дека е „задоволен што ЦИА во последните денови од администрацијата на Бајден заклучи дека теоријата за истекување од лабораторија е најверојатното објаснување“ и го пофали Ретклиф за декласификација на извештајот
Според декласифицираниот извештај на ЦИА, објавен вчера по налог на новиот директор Џон Ретклиф, американската разузнавачка агенција проценува дека вирусот одговорен за пандемијата ковид-19 најверојатно потекнува од лабораторија, а прстот го посочува кон Кина. Откритието не е резултат на нови разузнавачки информации, а извештајот е комплетиран на барање на администрацијата на претседателот Бајден и поранешниот директор на ЦИА, Вилијам Барнс. Во него се вели дека агенцијата има „ниско ниво на доверба“ во својот заклучок, но верува дека севкупноста на доказите укажува дека вирусот најверојатно има лабораториското а не природното потекло, јавува Асошиејтед прес.
Претходните извештаи за потеклото на ковид-19 беа поделени околу тоа дали коронавирусот потекнува од кинеска лабораторија, потенцијално по грешка, или се појавил природно. Новата проценка веројатно нема да ја реши оваа дебата поради недостаток на соработка од кинеските власти.
Републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас, претседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот, истакна дека е „задоволен што ЦИА во последните денови од администрацијата на Бајден заклучи дека теоријата за истекување од лабораторија е најверојатното објаснување“ и го пофали Ретклиф за декласификација на извешатајот.
„Најважното нешто сега е да ја натераме Кина да плати за пуштањето на ова зло во светот“, вели Котон.
Кинеските власти ги отфрлија шпекулациите за потеклото на ковид-19 како непродуктивни и политички мотивирани.
Според портпаролот на кинеската амбасада во САД, извештајот на ЦИА нема кредибилитет.
„Ние цврсто се спротивставуваме на политизацијата и стигматизирањето на изворот на вирусот и уште еднаш ги повикуваме сите да ја почитуваат науката и да се држат настрана од теориите на заговор“,
вели портпаролот Лиу Пенгју во изјава за Асошиејтед прес.
Иако потеклото на вирусот сè уште е непознато, научниците веруваат дека најверојатната хипотеза е дека вирусот се пренесувал меѓу лилјаци, како и многу коронавируси, пред да зарази друг вид. Инфекцијата потоа се проширила на луѓе кои имале контакт со животните или ги купиле на пазарот во Вухан, каде што биле пријавени првите случаи на зараза кон крајот на ноември 2019 година.
