Пораката ЦИА ја објави на социјалните платформи Икс, Инстаграм, Фејсбук, Телеграм и Јутјуб, давајќи детални упатства како да се избегне надзор од страна на иранските власти
Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на Соединетите Американски Држави на социјалните мрежи објави упатство на персиски јазик (фарси или парси) наменето за иранските граѓани кои сакаат безбедно да комуницираат со разузнавачката агенција, пренесоа светските медиуми.

Објавата на упатството доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, засилени и со најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за воена акција доколку разговорите за нуклеарната програма на Иран, закажани за денеска во Женева, не резултираат со договор.
Трамп во своето обраќање за состојбата на нацијата во вторникот рече дека нема да дозволи Исламската Република да развие нуклеарно оружје, притоа нарекувајќи го Иран најголем спонзор на тероризмот во светот.
Од друга страна, властите во Техеран тврдат дека нуклеарната програма на земјата е исклучиво за мирољубиви и цивилни цели.
Пораката ЦИА ја објави на социјалните платформи Икс, Инстаграм, Фејсбук, Телеграм и Јутјуб, давајќи детални упатства како да се избегне надзор од страна на иранските власти.
На потенцијалните извори им се советува да не користат службени компјутери или лични мобилни телефони, да набават нов уред за еднократна употреба доколку е тоа можно и да користат сигурна виртуелна приватна мрежа (ВПН) за да го сокријат својот идентитет и локацијата.
سلام. سازمان اطلاعات مرکزی (CIA) صدای شما را میشنود و میخواهد به شما کمک کند. در ادامه، راهنمایی لازم در مورد چگونگی برقراری تماس مجازی امن با ما ارائه شده است. pic.twitter.com/Dfq4zomz1n
— CIA (@CIA) February 24, 2026
Како што наведуваат медиумите, станува збор за продолжение на кампањата за јавно регрутирање извори што ЦИА ја спроведува во последните години, а во чии рамки цел не се само граѓаните на Иран, туку и на Кина, Русија и Северна Кореја, земји што Вашингтон ги смета за закана по безбедноста на САД.
Инаку, американските претставници денеска во Женева треба да се сретнат со иранската делегација на нова рунда разговори околу прашањето за ограничување на нуклеарната програма на Техеран.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ако разговорите не успеат, односно доколку Иран не одговори на барањата на Вашингтон, САД би можеле да ги искористат и своите воени капацитети.
Соединетите Држави распоредија големи воени сили во регионот на Блискиот Исток и околу Персискиот Залив, ставајќи му до знаење на Иран дека се подготвени да употребат сила во случај да нема исход од разговорите.
Во меѓувреме, групите за човекови права објавија извештаи во кои ги обвинуваат иранските власти за убиство на илјадници луѓе при задушувањето на антивладините протести во јануари, што дополнително ги затекна односите меѓу двете земји и го зголемија меѓународниот притисок врз Техеран.
