МВР со 2,2 милиона евра води според износот на склучените договори
Најмногу итни договори за заштита од коронавирусот се склучени во април
Вкупно 6,7 милиони евра е вредноста на договорите за итни јавни набавки за заштита од коронавирусот кои се склучени во првите шест месеци од кризата, при што една третина од вредноста отпаѓа на Министерство за внатрешни работи (МВР), кое со 2,2 милиона евра води според износот на склучените договори, покажува мониторингот на итните јавни набавки поврзани со ковид-19 што го спроведе Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од март до септември 2020 година.
Останатиот дел од извештајот покажува дека 43 отсто од вредноста на сите тендери им припаднале на само пет фирми, иако вкупно 186 добиле тендер поврзан со коронавирусот, за 68 проценти од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето, на секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач, постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици, а дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.
Пет институции со најмногу договори – прво е МВР
Вкупната вредност на досега склучените договори за јавни набавки преку итната постапка со преговарање без објавување оглас изнесува 413 милиони денари или 6,7 милиони евра. Од март до август годинава се склучени вкупно 447 договори за итни набавки.
Вакви итни набавки имале 97 државни институции.
Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило 13 договори во вкупна вредност од 2,2 милиони евра, што е дури една третина од вредноста на договорите на сите други институции заедно.
Останатите институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот се Министерството за здравство, Универзитетската клиника за трауматологија, Градската општа болница „8 Септември“ Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Не се наведуваат ниту договорените количини ниту цените
Тендери добиле вкупно 186 фирми, но 43 % од вредноста на сите договори им припаѓа само на пет фирми.
Прва на листата со склучени највредни договори за итни јавни набавки е прилепската фирма „Гифти текс“, за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Следни, со позначаен износ на склучените договори, се скопските фирми „Биотек“ и „Соникс Анастасија“, а во првата петорка, но со помали износи, влегуваат и скопски „Алкалоид“ и кавадаречката „Лиса-ком МС“.

Според истражувањето, големи разлики во цените од институција до институција има кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери. Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска. Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер. И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.
Законот за јавни набавки е прекршен во 68% од договорите
Како што наведува ЦГК, значаен дел од институциите не ги наведуваат во договорите ниту договорените количини, ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерите.
За 68 % од склучените договори институциите директно го прекршиле Законот за јавни набавки, којшто ги обврзува да ги објавуваат известувањата за склучените итни договори, заедно со примерок од договорите, во рок од десет дена од нивното склучување.
На 30 % од итните набавки се преговарало само со една фирма. Анализата на склучените договори укажува на случаи во кои цената на набавените производи била пониска кога во преговорите биле вклучени повеќе од една понуда. Во 10 % од известувањата за склучен договор, договорните органи го промениле првобитно објавениот број на понудувачи од 1 во 2 и повеќе, при промената на известувањата што од нив ја побара Владата, за да додадат дека станува збор за набавки поврзани со ковид-19.
Во дел од договорите непрецизно се опишани стоките што се набавуваат, на пример, дали станува збор за респираторни или заштитни маски, или скафандери за една или за повеќекратна употреба итн., што остава простор да се наплати цената за поскапиот од овие производи, а да се испорача поевтиниот.
За овие набавки беа донесени две посебни владини уредби за интервентни набавки – едната за маски (во март 2020), а другата за ракавици (во април 2020).
Досега нема информација за нивниот епилог, на што е укажувано и во претходните три извештаи.
Најмногу се набавувало во април
Се забележуваат два брана на набавки, од кои едниот кулминира во април, а другиот кулминира во јули. Најмногу итни договори за заштита од коронавирусот се склучени во април.
Иако најмногу договори за итни набавки за заштита од коронавирусот се склучени во април, сепак, според вредноста – најскапите договори се склучени на самиот почеток од кризата, односно во март 2020 година.
За разлика од почетокот на кризата, кога речиси половина од набавките беа само со еден понудувач, по постојаните апели и укажувања институциите почнаа да вклучуваат повеќе понудувачи во преговорите.
Исто така, институциите ги применуваа и препораките за навремено објавување на склучените договори и за разлика од почетните 19 %, до крајот дури 75 % од договорите беа објавени навремено. Сепак, останатите 25 % од договорите се објавени по законскиот рок од 10 дена по склучувањето на договорот.




