Од 2017 до 2020 година, бројот на вработени во министерствата пораснал за 3, а во општините за 2 проценти
Од 2017 до 2020 година, вкупниот број на вработени во министерствата пораснал за 3 проценти (односно за 540 луѓе), а во општините за 2 проценти (односно за 154 луѓе), покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за вработувањата во министерствата и општините во последните три години по сите основи – редовен работен однос, привремени вработувања и ангажирање на договор на дело.
МВР со најмногу, МО со најмалку нововработени
Според базата на податоци, од овие новопримени или ангажирани луѓе во Владата и во министерствата, во редовен работен однос се примени 154, на договор на дело се ангажирани 177, а привремено се вработени 209 луѓе.

И додека бројот на нововработени е зголемен за 0,9 проценти, бројот на ангажирани на договор на дело скокнал за 125 проценти, а привремено се вработени дури 337 проценти повеќе луѓе.
Во периодот од три години, најмногу нововработени или ангажирани во апсолутен број имало во Министерството за внатрешни работи – 570, што е зголемување од речиси 5%. Сепак, во процентуален износ, најмногу нововработени или ангажирани имало во Министерството за култура, дури 23,7%.

Најголемо намалување на вработените или ангажираните луѓе во апсолутен износ, пак, имало во Министерството за одбрана – 168 луѓе или 18,6% помалку. Но, процентуално, најголемо намалување од 20,2% имало во Министерството за труд и социјална политика.
Според категориите на вработени, најголем пораст на нови вработувања со редовен работен однос има во МВР – 515, нови привремени вработувања најмногу има во Министерството за земјоделство – 48, додека, преку договори на дело, најмногу нови ангажирала Владата – 69.
Или, кога би се направила листа, прво со најмногу вработени по сите основи е МВР со 12 263 лица и Министерството за земјоделство со 1 096. Најмалку вработени – 60 луѓе има Министерството за локална самоуправа и Министерството за здравство со 163.
Општина Бутел рекордер по вработувања
За овој период од три години, општините вработиле или ангажирале 154 нови лица. Споредбено, тоа е пораст на нововработени од 2 отсто. Но анализата покажува дека порастот кај привремено вработените скокнал за 25%, додека се намалил бројот на луѓе ангажирани со договор на дело, и тоа за 31%.

Општина Бутел, со 207% зголемување на кадарот за три години е рекордер и според апсолутниот и според процентуалниот износ на зголемување на бројот на нововработени или ангажирани луѓе. Во споредба со 2017, во 2020 година Општината имала 122 повеќе луѓе. Потоа следува Општина Кавадарци со 87 вработени или ангажирани лица, или пораст од 77 отсто.
Општина Карпош, пак, е спротивен пример на претходните две општини. Таму има намалување од 124 луѓе. Но, во проценти, најголемо намалување има во Општината Чашка за 64,6 отсто.

Но, по категории вработени или ангажирани, сликата е поинаква. Општина Куманово со 35 лица, има најмногу нововработени во редовен работен однос, додека Општина Бутел е прва по најмногу привремени вработувања – 89 има Општина Бутел. Со договор на дело најмногу вработувале општините Бутел и Гевгелија – по 15 лица.
За дури 49 луѓе е намален бројот на редовно вработени во Општина Тетово, додека Општината Карпош има најголемо намалување на привремено вработени од дури 108. Општината Ресен го намалила бројот на ангажирани по договор на дело за 57 лица.
Истражувањето на ЦГК го регистрира и најголемиот број вработени и ангажирани кај единиците на локална самоуправа, при што Градот Скопје со 747 луѓе е на врвот, по што следуваат Карпош со 312 луѓе и Општина Охрид со 308 лица.
Истражувањето е спроведено врз основа на одговорите на институциите на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер за бројот на вработени во редовен работен однос, преку привремени вработувања и со договор на дело на 31.12.2016 и на 29.2.2020 година. На барањата на ЦГК не одговориле Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Општина Сарај, додека од Општина Тетово одговориле само делумно. Поради тоа, во пресметките за вкупниот број вработени во министерствата не е вклучено новоформираното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.