Концентрација на локални тендери кај мал број фирми, зголемена е вредноста на договорите склучени низ нетранспарентна постапка со преговарање без објавување оглас, но сепак само 6 отсто од фирмите изјавиле дека секогаш или често се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаите кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на коишто учествувале, покажува Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година и анкетата на 284 фирми од сите поголеми градови во земјата, на Центарот за граѓански комуникации
Секоја втора фирма што учествува во тендерите вели дека има корупција, покажала анкетата, чии наоди Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска ги објавува заедно со Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година, како и анализата на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2021 година и истражување на договорните органи за нивните кадровски капацитети за јавни набавки.
Мониторингот на јавни набавки покажал повеќе клучни наоди:
- Зголемена е вредноста на договорите склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас.

Односно, вкупната вредност на овие договори во 2021 година изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 % од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД „Електрани“, МВР и Министерството за образование и наука.

Од аспект на фирмите со коишто најмногу се склучувани ваков вид договори, на врвот според нивната вредност е битолската фирма „Марковски компани“, со два договори во вкупна вредност од 23,7 милиони евра. По неа е фирмата „АРС Ламина“, со склучени девет договори во вкупна вредност од околу 1,3 милион евра, а на трето место е „Некстсенс“ со 10 договори во вкупна вредност од околу 1,1 милион евра. Преостанатите 19,8 милиони евра ги делат околу 200 фирми, покажува мониторингот на ЦГК.

Во препораката се наведува дека со оглед на нетранспарентноста на оваа постапка, потребно е институциите да ја применуваат само во исклучителни ситуации. Во насока на зголемување на увидот во овие договори, со објавување на известувањето за склучен договор да се објавува и тендерската документација, а во известувањата за склучен договор да се наведат и имињата на сите фирми кои учествувале во преговарањата, а не само името на фирмата со која е склучен договорот.
- Институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори, односно доставени се известувања само за една третина од склучените договори.
- Институциите не се откажуваат од електронската аукција, и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата.
- Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите.
„Овој тренд на исклучувања е идентичен на состојбите во 2020 година и значајно е да се нотира дека неповолно влијае врз конкуренцијата во тендерите, која е единствен гарант дека склучените договори овозможуваат најдобра вредност за потрошените пари“,
се констатира во Извештајот.
Гледано на ниво на институции, најголем број поништени тендери има Министерството за одбрана, со дури 218 поништени постапки, и тоа 127 се целосно поништени, а во 91 тендер се работело за поништување на дел од тендер. На второ место е Министерство за внатрешни работи, со поништени 200 постапки за
јавни набавки, од кои 134 се целосно поништени, а во 66 постапки се работело за поништување на дел од тендерот.

- Управните контроли на тендерите од страна на Бирото за јавни набавки, ниту трета година од воведувањето, не успеваат да се наметнат како механизам за откривање на незаконско постапување и злоупотреби.
„Бирото ниту во 2021 година нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган, или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди“,
се наведува во Извештајот.
- Во 2021 година поднесени се 1 008 жалби од фирмите, што е за 2,5 % повеќе од претходната година. Најголем дел од жалбите се уважени, и тоа 42,6 % од нив. Сепак, уважените жалби се за 10,7 процентни поени помалку во однос на претходната година.
Анкета за корупција
Анкетата на фирмите спроведена во февруари 2022 година, а во која учествуваа 284 фирми од сите поголеми градови во земјата се покажала дека половина од нив (51 отсто) сметаат дека јавните набавки се прават „преку врски“ и дека има меѓусебно договарање (62 отсто).
Од ЦГК посочуваат дека тоа е пораст на процентот на фирми коишто сметаат дека во јавните набавки има корупција во споредба со лани (47 %). Од нив, 44 % сметаат дека корупцијата во јавните набавки е застапена често, а 7 % секогаш.

За 50 % од фирмите, „најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки.
„Во текот на 2021 година, од вкупно објавените 22 816 огласи за јавни набавки, критериумот ’економски најповолна понуда‘ е утврден врз основа на ’цената‘ во дури 21 477 тендери, врз основа на ’најдобриот однос на цената и квалитетот‘ само во 1 331 набавка, а во 3 постапки, пак, како критериум за избор се користени ’трошоци со примена на пристап на исплатливост‘“,
се констатира во мониторингот.

Од друга страна, во анкетата само 6 % од фирмите изјавиле дека секогаш или често се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаите кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на коишто учествувале.

За комуникацијата со договорните органи кои ги спроведуваат тендерите, само 31 % од фирмите оцениле дека таа е навремена и квалитетна.
Она што останува како лани е просечната оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5) со која фирмата го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава.
Кадар за јавни набавки
Истражувањето спроведено во министерствата и општините за нивните кадровски капацитети за јавни набавки покажало дека дел од институциите користат и надворешна експертска помош, без притоа да се води грижа за превенирање на потенцијалниот судир на интереси.
Од својот кадар, јавните набавки во министерствата ги спроведуваат од еден до 24 вработени, додека во општините од еден до седум вработени, не сметајќи го Градот Скопје, каде што нивниот број е 12. Притоа, лицата за јавни набавки во министерствата спроведуваат помалку постапки, но нивната вредност е многу поголема од тендерите на општините.
Скопје, Центар и Гази Баба најмногу, Чучер Сандево, Карпош и Аеродром најмалку
ЦГК денеска ја објави и Базата на јавните набавки на општините во 2021 година. Таа покажува дека Градот Скопје и 80 општини лани за јавни набавки потрошиле 11 милијарди денари, односно 183 милиони евра, односно дури 51 милион евра повеќе отколку во 2020 година.
Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево за околу 630 илјади евра, Карпош 483 илјади евра и Аеродром 475 илјади евра.
Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2021 година ја предводи градежната компанија „ЖИКОЛ“ ДООЕЛ експорт импорт од Струмица со склучени 21 договор во вкупна вредност од 22 милиони евра.